Пезешкијан изјави дека САД се одговорни за постапките на Израел кон Иран.
„Иако на почетокот се обидоа да ја сокријат својата улога, по решителниот и одвраќачки одговор на вооружените сили на нашата земја и очигледната неспособност на ционистичкиот режим (Израел0, тие беа принудени да се откријат“, кажа иранскиот претседател, мислејќи на САД.
Тој додаде дека, и покрај загубите што ги претрпе земјата, сега е време да се остават настрана разликите и да се „активираат големите способности на народот“.
Кина ги обвини САД за кршење на меѓународното право поради воздушните напади и дополнително зголемување на тензиите на Блискиот Исток.
Во соопштение објавено на мрежата Икс, министерството за надворешни работи на Кина повика на прекин на огнот.
„Кина остро ги осудува нападите на САД врз Иран и бомбардирањето на нуклеарните објекти под заштита на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА).
„Дејствата на САД сериозно ги кршат целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право и дополнително ги влошуваат тензиите на Блискиот Исток“, се додава.
Кина ги повикува страните во конфликтот – а особено Израел – да постигнат прекин на огнот што е можно поскоро, да ја обезбедат безбедноста на цивилите и да започнат дијалог и преговори.
Кина е подготвена да соработува со меѓународната заедница во обединувањето на напорите со цел да се зачува правдата, како и да се врати мирот и стабилноста на Блискиот Исток“, се наведува во соопштението.
И Русија остро ги осуди нападите на САД врз нуклеарните постројки на Иран, нарекувајќи ги неодговорни.
„Неодговорната одлука да се изложи територијата на суверена држава на ракетни и воздушни напади, без оглед на оправдувањата што се нудат за тоа, е очигледно кршење на меѓународното право, Повелбата на Обединетите нации и резолуцијата на Советот за безбедност на ОН“, се вели во соопштението на руското министерство за надворешни работи.
Според извештајот на Ројтерс, Русија предупреди дека ова значително го зголемува ризикот од поширок конфликт на Блискиот Исток.
Вонреден состанок на Советот за одбрана ќе се одржи денес во Франција за да се разговара за најновите случувања на Блискиот Исток, објави Елисејската палата.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој претходно разговараше со неколку светски лидери, вклучувајќи го и саудискиот престолонаследник, ќе ги продолжи консултациите со европските и регионалните партнери во текот на денот, пренесува Ројтерс.
Се додава дека Франција ќе преземе сите потребни мерки за да ја забрза евакуацијата на своите граѓани кои сакаат да ги напуштат Иран и Израел.