„Денес, по херојскиот отпор на нашата голема нација, која со решителност пишува историја, сведоци сме на стапувањето во сила на прекинот на огнот и крајот на 12-дневната војна што беше наметната од авантуризмот и провокацијата на Израел“, напиша Пезешкијан.
Тој повтори дека неговата земја не се обидува да се здобие со нуклеарно оружје, но дека ќе продолжи, откако ќе стапи во сила прекинот на огнот со Израел, да го брани своето „легитимно право“ да развива цивилна нуклеарна програма.
Во телефонски повик до претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Мохамед бен Зајед, Пезешкијан порача дека „со оглед на нивните односи со САД, очекува ОАЕ да им објаснат дека Иран сака само да ги оствари своите легитимни права“, додаде ИРНА.
Иран, повтори Пезешкијан, „никогаш не се обидел да се здобие со нуклеарно оружје и не се стреми да го стори тоа“. „Иран е подготвен да ги реши сите несогласувања на преговарачка маса“, забележа тој.
Израел го нападна Иран на 13 јуни, обвинувајќи го теократскиот исламистички режим дека се обидува да се здобие со атомско оружје, уништувајќи стотици воени и нуклеарни објекти. Исламската Република одговори со лансирање стотици ракети и беспилотни летала кон Израел.
Во неделата, САД извршија напади без преседан врз три ирански нуклеарни објекти. Двете страни остануваат длабоко поделени околу прашањето за збогатување на ураниум. Иран тврди дека тоа е право за кое не може да се преговара, додека Вашингтон го смета за „црвена линија“. Иран вчера испали ракети врз американска база во Катар.
Аналитичарите проценија дека иранските напади врз американската воена база во Катар биле внимателно пресметани за да овозможат излез од непријателствата со Вашингтон и да доведат до прекин на огнот со Израел.