четврток, 5 февруари 2026

Иран пред утрешните преговори објави снимка од досега невидена ракета: „Ја менуваме доктрината“

Иранскиот Корпус на чуварите на исламската револуција (ИРГЦ) распореди „хорамшар 4“, нова балистичка ракета со среден дострел, објави денес државната новинска агенција Фарс. Ракетата, опишана од Фарс како најнапредна ракета на Иран, наводно има дострел од 2.000 километри и носивост од повеќе од еден тон експлозив, според агенцијата.

Фото: Министерство за одбрана на Иран

Објавено на

часот

Сподели

Новата ракета има за цел да демонстрира капацитет за моќен прв или возвратен удар.

Техеран редовно објавува извештаи за ново оружје и успешни тестови на оружје кои не можат да бидат независно потврдени. Според официјалните извештаи, поседува неколку видови ракети со дострел до 2.000 километри, што ги става целите во Израел и американските бази во регионот на Заливот во дострел.

Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) синоќа објави и снимки кои, како што тврдат, прикажуваат нова подземна база за балистички ракети. Времето на објавување на видеата е значајно – само еден ден пред почетокот на нуклеарните преговори со Соединетите Американски Држави, кои се закажани за утре во Оман. Откривањето на базата на непозната локација се случува во време на зголемени тензии меѓу Техеран и Вашингтон.

Базата ја претставија началникот на Генералштабот на иранските вооружени сили, генерал-мајорот Абдолрахим Мусави, и командантот на воздухопловните сили на ИРГЦ, бригадниот генерал Сејед Маџид Мусави.

По тој повод, началникот на Генералштабот објави промена во воената стратегија. „По 12-дневната војна (со Израел и САД во јуни 2025 година), преминавме од одбранбена на офанзивна воена доктрина за да можеме да спроведуваме брзи и големи операции“, кажаа генералот Абдолрахим Мусави.

Според наводите на официјалната веб-страница Дефапрес, тој додаде: „Подготвени сме да се бориме против непријателот… со примена на асиметрично војување и стратегии кои ја разбиваат спротивната армија“.

Програмата за балистички ракети на Иран се покажа како клучна во нападите врз Израел минатиот јуни и е една од главните точки на спор со Вашингтон, кој бара ограничувања на нивниот дострел.

Во екот на тензиите иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи објави дека нуклеарните преговори со САД, со посредство на Оман, ќе продолжат утре во Мускат. Аракчи се огласи на социјалната мрежа Икс за да им се заблагодари на властите на Оман за домаќинството на разговорите, кои се заглавени по 12-дневната војна.

Претходно оваа недела имаше непотврдени извештаи дека разговорите ќе се одржат во Турција, со учество на регионални држави кои се сојузници на САД. Техеран претходно се закани дека ќе ги нападне американските бази во тие земји како одговор на евентуален американски напад.

Барањето на Техеран да го смени местото на преговорите во Оман беше протолкувано како сигнал дека има намера да преговара само за својата нуклеарна програма, а не и за ракетните капацитети. Исто така, се смета за отфрлање на идејата за присуство на регионални земји на преговорите, бидејќи тоа би ја ставило на дневен ред и регионалната политика на Иран.

Пред објавата на Аракчи, некои американски медиуми објавија дека американскиот претседател Доналд Трамп првично го отфрлил предлогот на Иран да го премести местото на преговорите во Оман.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ