Во изјави што ги пренесе државната новинска агенција ИРНА, Галибаф го критикуваше Доналд Трамп дека изразува подготвеност за преговори со Иран, додека истовремено „тајно планира копнен напад“.
„Непријателот јавно испраќа пораки за преговори, а тајно планира копнен напад“, рекол тој. „Нашиот народ го чека доаѓањето на американските војници – ќе ги запали.“
Вчера американските медиуми објавија дека Пентагон подготвува можни копнени операции во Иран во наредните недели. Извештаите доаѓаат во момент кога американската војска најави распоредување на околу 3.500 војници од 31-та експедициска единица на маринците на Блискиот Исток.
Според Ројтерс, САД во изминатите денови значително го зголемиле военото присуство во регионот, испраќајќи дополнителни сили и опрема, додека конфликтот со Иран влегува во нова, поопасна фаза. Истовремено, американските власти разгледуваат различни сценарија, вклучително и ограничени копнени операции, иако засега нема официјална одлука за нивно спроведување.
Аналитичарите предупредуваат дека евентуалниот копнен судир би претставувал значителна ескалација на конфликтот, со непредвидливи последици за целиот регион, особено поради улогата на иранските сојузници и контролата врз стратегиските точки како Ормускиот теснец.
Во меѓувреме, дипломатските напори остануваат неизвесни, а сигналите од двете страни – закани за ескалација и паралелни најави за преговори – дополнително ја зголемуваат неизвесноста околу понатамошниот развој на кризата.






