Западните земји, на чело со Соединетите Американски Држави, со децении се сомневаат дека Техеран има намера да се здобие со нуклеарно оружје. Иран ги отфрла овие обвинувања и тврди дека неговите нуклеарни активности се само за цивилни цели, главно за енергија.
Доналд Трамп минатиот месец испрати писмо до иранските лидери во кое повика на разговори за нуклеарната програма. Американскиот претседател, исто така, се закани дека ќе го бомбардира Иран доколку не успее дипломатијата и веќе презеде дополнителни санкции против иранскиот нафтен сектор.
„Директните преговори со страна која постојано се заканува со употреба на сила (…) и чиишто различни функционери изразуваат контрадикторни ставови нема да имаат смисла“, рече шефот на иранската дипломатија, Абас Аракчи, според соопштението објавено денеска од неговото министерство.
„Но, ние остануваме посветени на дипломатијата и подготвени сме да се обидеме преку индиректни преговори“, додаде Аракчи.
Иран и САД, блиски сојузници за време на монархијата Пахлави, немаат дипломатски односи од 1980 година, откако американски дипломати беа земени како заложници во американската амбасада во Техеран по исламската револуција.
Сепак, овие две земји индиректно комуницираат преку швајцарската амбасада во Техеран. Оман, исто така, играше посредничка улога во минатото, како и Катар, во помала мера.
Последното писмо на Доналд Трамп беше доставено до Иран преку Обединетите Арапски Емирати.
Американскиот претседател во четвртокот рече дека повеќе би сакал да има „директни преговори“ со Иран. „Тоа оди побрзо и многу подобро ја разбирате другата страна отколку да одите преку посредник“, тврди тој. Иранците сакаат посредници, но „мислам дека сè уште не е така“, додаде Трамп.
„Ако сакаме да преговараме, зошто тогаш да се закануваме? праша од иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во саботата, избран минатата година со ветување дека ќе го продолжи дијалогот со Западот за да добие олеснување на санкциите за заживување на економијата.
Во 2015 година Иран склучи договор со постојаните членки на Советот за безбедност на ОН (Кина, Русија, САД, Франција и Велика Британија) и Германија за регулирање на своите нуклеарни активности.
Текстот предвидуваше олеснување на санкциите во замена за следење на иранските нуклеарни активности.
Во 2018 година, Доналд Трамп ја повлече својата земја од договорот за време на неговиот прв мандат и повторно воведе санкции. Како одмазда, Иран се огради од договорот и ја забрза својата нуклеарна програма.
Иран не сака да се здобие со нуклеарно оружје, но „нема да има друг избор освен да го стори тоа“ доколку земјата биде нападната, предупреди во понеделникот Али Лариџани, близок советник на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи.