Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багаеи потврди дека земјите од регионот дејствуваат како посредници во размената на пораки, но не даде детали за содржината на потенцијалните преговори. „Одговорени се неколку точки и ги испитуваме и финализираме деталите за секоја фаза во дипломатскиот процес, за кој се надеваме дека ќе биде завршен во наредните денови. Ова се однесува на методите и рамката“, изјави портпаролот во Техеран.
Претходно американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека испратил „голема војска“ во близина на Иран. Коментирајќи го предупредувањето на иранскиот ајатолах Али Хамнеи за можна разорна војна, Трамп кажа: „Секако дека Хамнеи вели такви работи. Но, ние им ја испративме најголемата воена флота. Се надеваме дека ќе постигнеме договор. Ако не, ќе откриеме дали бил во право“.
Трамп додаде дека иранската страна „сериозно“ разговара со САД, појаснувајќи дека не станува збор за директни разговори, туку за комуникација преку посредници, првенствено преку Катар.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи за Си-ен-ен изјави дека довербата мора да се врати пред да започнат директните преговори, нагласувајќи дека Иран ја изгубил довербата во САД како партнер во преговорите. „Мораме да ја надминеме таа недоверба“, кажа Арагчи, опишувајќи ги разговорите кои се водат преку посредници како „плодни“.
Тој кажа дека Иран е подготвен да се откаже од нуклеарното оружје. „Претседателот Трамп вели „нема нуклеарно оружје“. Ние целосно се согласуваме со тоа. Ова би можел да биде многу добар договор. Секако, очекуваме укинување на санкциите за возврат“, кажа иранскиот министер.
Тој предупреди и на последиците од неуспехот на преговорите. „Доколку избувне војна, тоа би било катастрофа за сите. Многу земји во регионот би биле погодени. Може да биде многу опасно“, изјави тој за Си-ен-ен.
Откако Европската Унија ја прогласи Иранската револуционерна гарда за терористичка организација, Техеран ги повика амбасадорите на земјите членки на ЕУ на состанок во знак на протест. Портпаролот Есмаил Багаеи објави дека Техеран разгледува низа контрамерки. „Сметаме дека во наредните денови ќе се донесе одлука за реципрочно дејствување на Исламската Република Иран кон незаконскиот, неразумен и многу погрешен потег на ЕУ“, порача тој.
Како одговор, Иран веќе ги прогласи воените сили на земјите-членки на ЕУ за терористички организации. Претседателот на иранскиот парламент Мохамед Багер Галибаф ги обвини земјите од ЕУ за „слепа послушност кон САД“.
САД претходно го испратија носачот на авиони УСС Абрахам Линколн и неколку разурнувачи со наведувани ракети на Блискиот Исток, и останува отворено прашање дали претседателот Трамп ќе употреби сила. Њујоршката аналитичка група Соуфан центар оцени за агенцијата Асошиејтед прес дека Трамп се обидува да најде умерен одговор на масовните убиства на демонстранти во Иран со цел да ги казни иранските лидери, но без да ги вовлече САД во нов, отворен конфликт во регионот. Сепак, аналитичарите веруваат дека Трамп поставил услови за дипломатско решение кое Техеран не може да го прифати.






