„Спроведувањето на овој заговор би ја загрозило безбедноста на Јужен Кавказ, а Иран нагласи дека, со или без Русија, ќе дејствува за да ја гарантира безбедноста на Јужен Кавказ“, изјави Али Акбар Велајати за новинската агенција Тасним.
„Исто така, веруваме дека Русија стратешки се спротивставува на овој коридор“, додаде тој.
Спогодбата постигната во Вашингтон во петокот од страна на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан го завршува деценискиот територијален спор меѓу нивните земји.
Спогодбата предвидува создавање транзитна зона што минува низ Ерменија за да го поврзе Азербејџан со неговата енклава Нахчиван, долгогодишно барање на Баку.
Во овој стратешки важен регион богат со гас и нафта, Соединетите Американски Држави ќе имаат права за развој на коридор наречен „Трампов пат за меѓународен мир и просперитет“ (ТРИПП).
Иран долго време се спротивставува на коридорот, плашејќи се дека ќе го отсече од Кавказ и ќе донесе странско присуство на неговата граница.
Министерот за надворешни работи на Иран Абас Арагчи го поздрави мировниот договор меѓу Ереван и Баку утрово, постигнат со посредство на Вашингтон, но предупреди против „секаква странска интервенција“ со оглед на правата за развој што им се доделени на САД во коридорот во близина на иранската граница.
Иран го поздравува „финализирањето на текстот на мировниот договор меѓу двете земји“, но „исто така, изразува загриженост за негативните последици од секоја странска интервенција, во која било форма, особено во близина на заедничките граници“, се вели во соопштението на министерството.
Арагчи рече дека секоја странска интервенција во овој контекст се заканува да ја „поткопа безбедноста и трајната стабилност на регионот“.
Во понеделник, Велајати на платформата Икс предупреди дека секој обид на регионалните или надворешните сили да ја наметнат транзитната зона ќе наиде на „цврст одговор“ од Иран.
Ерменија и Азербејџан се во конфликт со децении околу нивната граница и статусот на енклавите во рамки на нивните територии.
Двете земји двапати војуваа за спорниот регион Карабах, кој Азербејџан го врати од ерменските сили во молскавична офанзива во септември 2023 година, што предизвика егзодус на повеќе од 100.000 Ерменци.
Висок американски функционер увери дека Ерменија не губи во преговорите, туку добива „огромен стратешки трговски партнер“ – САД.
„Губитници се Кина, Русија и Иран“, рече тој под услов да остане анонимен.






