Системот за воздушна одбрана бил активиран во американската воздухопловна база Аин ал Асад во Ирак поради страв од потенцијален напад, изјавиле денес воени извори за Ројтерс, а на персоналот во базата му било наредено да се засолни.
Белата куќа и министерството за одбрана внимателно ги следат потенцијалните закани кон воздухопловната база Ал Удеид во Катар, американски објект, изјави денес висок функционер на Белата куќа. „Белата куќа и министерството за одбрана се свесни и внимателно ги следат потенцијалните закани кон воздухопловната база Ал Удеид во Катар“, кажал функционерот.
Иран се закани дека ќе им возврати на Соединетите Американски Држави по нападот врз неговите нуклеарни објекти. Неколку земји ги предупредија своите граѓани во Катар претходно денес да се засолнат.
Британската влада денес им советуваше на своите граѓани во Катар да внимаваат до понатамошно известување, откако САД и Кина издадоа слични предупредувања до своите граѓани, додека Катар го затвори својот воздушен простор, објавија агенциите.
Иранската револуционерна гарда издаде соопштение за медиумите во кое се наведува дека пораката на Иран до американскиот претседател Доналд Трамп, Белата куќа и нејзините сојузници е „јасна и недвосмислена“.
„Иран под никакви околности нема да остави без одговор никаков напад врз нејзиниот територијален интегритет, суверенитет и национална безбедност“, се вели во соопштението на Револуционерната гарда.