вторник, 10 март 2026

Иран му се закани на Трамп: „Пази самиот да не бидеш елиминиран“

Али Лариџани, висок ирански безбедносен функционер, му се закани на американскиот претседател Доналд Трамп во порака објавена на интернет.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Генералниот секретар на иранскиот Совет за национална безбедност, Али Лариџани, му се закани на американскиот претседател Доналд Трамп по неговите изјави дека САД ќе го нападнат Иран „дваесет пати посилно“ ако Техеран го попречи бродскиот сообраќај низ Ормускиот теснец.

Али Лариџани ја објави пораката на Икс денеска, откако Трамп се закани дека ќе го нападне Иран „ДВАЕСЕТ ПАТИ ПОСИЛНО“ ако Техеран го запре протокот на нафта низ Ормускиот теснец.

„Пожртвуваната нација на Иран не се плаши од твоите празни закани. Дури ни оние поголеми од тебе не успеаја да го елиминираат Иран. Внимавај и самиот да не бидеш елиминиран“, напиша Лариџани.

Иран и во минатото беше обвинуван дека подготвувал заговори за убиство на Трамп.

Иран во вторникот изведе нови напади врз Израел и врз арапските земји од Персискиот Залив, продолжувајќи го притисокот во војната на Блискиот Исток што започна по нападите на Израел и САД, а која предизвика нагло зголемување на цените на нафтата и шокираше делови од светската економија.

Покрај испукувањето ракети и беспилотни летала кон Израел и кон американските бази во регионот, Иран ги напаѓа и енергетската инфраструктура и сообраќајот низ Ормускиот теснец — клучен воден пат за светската трговија со нафта — што дополнително ги турка цените нагоре.

Се смета дека нападите имаат цел да создадат доволно силен економски притисок на глобално ниво за да ги натераат САД и Израел да ги прекинат нападите.

Цената на нафтата брент, меѓународниот референтен вид нафта, во понеделникот скокна на речиси 120 долари за барел, пред повторно да се намали, но и во вторникот остана околу 90 долари за барел — речиси 24% повисока отколку кога започна војната на 28 февруари.

Енергетските компании предупредуваат дека долгата блокада може да има „катастрофални последици“ за глобалниот пазар на нафта и гас.

Заканата на Лариџани кон Трамп затоа се гледа како дел од поширока ескалација на конфликтот, кој веќе ги погодува не само Блискиот Исток, туку и светската економија и енергетските пазари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ