среда, 25 март 2026

Иран му одговори на Трамп: „Војната ќе заврши под наши услови“

Иран го разгледал предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп и, според изјавата објавена на официјалната иранска државна телевизија, го оценил како „претеран“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Истиот функционер изјави дека Иран ќе ја заврши војната исклучиво во моментот кој сам ќе го одреди и само ако се исполнети неговите услови. „Иран нема да му дозволи на американскиот претседател Трамп да го диктира времето на крајот на војната“, нагласи тој.

Првиот услов за завршување на војната е прекин на нападите врз Иран, кажа функционерот. Вториот е „воспоставување конкретни гаранции кои спречуваат повторување на војната“. Иран бара и „гарантирана исплата“ на воена отштета. Тој додаде дека Техеран им кажал на Соединетите Американски Држави преку посредник дека ќе продолжи да ги брани своите интереси.

Пакистан претходно го доставил мировниот предлог на САД до Иран, а Пакистан или Турција би можеле да бидат домаќини на разговорите за деескалација на војната во Персискиот Залив, изјави денес за Ројтерс висок ирански функционер.

Изјавите, дадени под услов на анонимност, се ретки знаци дека Техеран може да разгледа дипломатски предлози, и покрај јавното инсистирање дека нема комуникација и дека нема да се постигне договор со администрацијата на претседателот Доналд Трамп.

Иранскиот извор не открил детали за предлогот доставен од Пакистан и не кажал дали е идентичен со рамката од 15 точки на САД кој претходно ја објавија новинските агенции, вклучувајќи го и Ројтерс. Изворот кажал дека Турција, исто така, „помогнала во напорите за завршување на војната и дека Турција или Пакистан се разгледуваат како место за такви разговори“.

Цените на нафтата паднаа, а акциите пораснаа денес по извештаите дека САД му испратиле на Иран план од 15 точки, при што инвеститорите се надеваат дека наскоро ќе заврши четиринеделната војна во која загинаа илјадници луѓе и се нарушија глобалните снабдувања со енергија.

Извор запознаен со ситуацијата потврди за Ројтерс во вторник дека планот е испратен до Иран.

Три извори од израелската владаа кажа дека безбедносниот кабинет на премиерот Бенјамин Нетанјаху е информиран за предлогот, кој, според нив, вклучува отстранување на иранските залихи на високо збогатен ураниум, запирање на збогатувањето, ограничување на иранската програма за балистички ракети и прекинување на финансирањето на регионалните сојузници.

Во меѓувреме, Пентагон планира да префрли илјадници војници во Персискиот Залив за да му даде на Трамп повеќе опции за наредба на копнен напад, изјавија извори за Ројтерс, а два контингенти маринци веќе се на пат. Првата експедициска сила на маринците со голем амфибиски јуришен брод би можела да пристигне до крајот на март.

Пакистан, соседот на Иран, веќе оваа недела понуди да биде домаќин на разговори на кои ќе присуствуваат високи американски претставници. Висок функционер во владејачката партија на Турција, Харун Армаган, денес изјави за Ројтерс дека и Анкара „игра улога во пренесувањето пораки“ меѓу Иран и САД.

Но, Иран досега јавно не објави дека е подготвен воопшто да преговара, додека неговите тврдења дека нема да го стори тоа стануваат сè поостри.

„Дали нивото на вашата внатрешна борба достигна фаза каде што преговарате сами со себе?“, кажа портпаролот на заедничката воена команда на Иран Ебрахим Золфакари, исмевајќи го Трамп на иранската државна телевизија.

„Луѓе како нас не можат да се сложуваат со луѓе како вас“, кажа тој. „Како што отсекогаш сме велеле… никој како нас нема да склучи договор со вас. Не сега. Никогаш“, додаде Золфакари.

Трамп, кој на самиот почеток кажа дека војната ќе заврши со „безусловно предавање“ на Техеран и негов личен избор на ирански лидери, нагло го промени својот став оваа недела кога кажа дека „продуктивни“ разговори со неименувани ирански претставници се водат со денови.

Трамп кажа и дека САД ќе ги одложат нападите врз цивилниот енергетски систем на Иран, што предизвика затишје на финансиските пазари.

Иран, од друга страна, постојано тврди дека такви разговори не се водат и се потсмева со изјавата на Трамп како обид да се купи време и да се смири пазарот.

Во меѓувреме, војната продолжува да беснее. Воздушните напади врз Иран не престануваат, ниту иранските напади со беспилотни летала и ракети врз Израел и американските сојузници.

На прашањето дали Израел ги прилагодил своите воени планови откако Трамп објави дека разговорите со Иран се во тек, израелски воен претставник рече дека „главно се работи како и обично“.

Полуофицијалната новинска агенција СНН на Иран објави дека израелските напади погодиле станбена област во Техеран и дека спасувачите ги пребаруваат урнатините.

Кувајт и Саудиска Арабија изјавија дека одбиле нови напади со беспилотни летала. Беспилотните летала погодиле резервоар за гориво на меѓународниот аеродром во Кувајт, предизвикувајќи пожар, но немало жртви, соопшти Кувајтската управа за цивилно воздухопловство.

Иранската револуционерна гарда соопшти дека започнала нов бран напади врз локации во Израел, вклучувајќи ги Тел Авив и Кирјат Шмона, како и врз американските бази во Кувајт, Јордан и Бахреин.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ