среда, 14 јануари 2026

Иран: Ќе ги нападнеме американските бази, следуваат погубувања на демонстранти

Иран ги предупреди соседните земји дека ќе ги нападне американските воени бази во регионот како одмазда за секој можен напад на Вашингтон, јави Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според Ројтерс, висок ирански функционер изјавил:

„Техеран им порача на регионалните држави, од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати до Турција, дека американските бази во тие земји ќе бидат нападнати доколку САД го нападнат Иран… и побара од тие држави да го спречат Вашингтон да го нападне Иран.“

Иран, по неодамнешната 12-дневна војна, е воено поподготвен отколку претходно, а нуклеарното знаење не може да се уништи со воздушни напади, порача иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи за време на посетата на Бејрут. Во исто време, тој тврдеше дека протестите во земјата се „нормални“ во систем што се темели на волјата на народот, но предупреди и на, како што рече, елементи што предизвикуваат насилство и нереди.

На дел од персоналот му било советувано да ја напушти американската воздухопловна база Ал Удеид во Катар, јавува Ројтерс.

Станува збор за најголемата американска база на Блискиот Исток, во која се сместени околу 10.000 војници.

Во пресрет на американските напади врз Иран во јуни, дел од персоналот беше преместен од американските бази на Блискиот Исток.

Неколку блискоисточни влади наводно се обиделе да ги убедат САД да не влегуваат во војна со Иран.

Ројтерс, повикувајќи се на еден дипломат од Арапскиот Залив, пишува дека тие земји стравуваат од невидени последици.

Меѓу оние што му се обратиле на Вашингтон наводно се Турција, Египет, Саудиска Арабија и Пакистан.

Дипломатот додава дека во изминатите денови биле во постојан контакт со американските претставници.

Повеќе од 2.400 демонстранти се убиени, а над 18.000 се уапсени откако иранските власти минатиот месец започнаа со задушување на протестите, покажуваат податоците на американска организација за човекови права. Си-би-ес пренесува дека постои стравување оти бројот на загинатите би можел да надмине и 12.000.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика иранските демонстранти да продолжат со протестите, порачувајќи дека „помошта е на пат“. Тој го предупреди Иран да не ги погубува демонстрантите и најави дека САД, како одговор, ќе преземат „силна акција“. Од американскиот Стејт департмент изразија загриженост дека еден од демонстрантите би можел да биде погубен уште денес.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ