сабота, 12 јули 2025

Иран ја прекина соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија

Иранскиот парламент усвои закон со кој се суспендира соработката со нуклеарното надзорно тело на Обединетите нации, објави државниот медиум поврзан со власта Нур њуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според Нур њуз, за ​​да стапи на сила законот, потребно е конечно одобрение од Врховниот совет за национална безбедност на Иран.

Овој потег доаѓа по воздушниот конфликт со Израел, кој, како долгогодишен непријател на Техеран, изјави дека сака да го спречи Иран да развие нуклеарно оружје.

Претседателот на парламентот, Мохамед Багер Калибаф, изјави за државните медиуми дека Иран ќе ја забрза својата цивилна нуклеарна програма, пренесува Ројтерс.

Техеран негира дека тежнее кон развој на нуклеарно оружје и тврди дека резолуцијата усвоена овој месец од Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), која го прогласи Иран за виновен за кршење на своите обврски од Договорот за неширење на нуклеарно оружје, го отворила патот за израелските напади.

Калибаф кажа дека ИАЕА „не се ни обиде да го осуди нападот врз нуклеарните објекти на Иран и го продаде својот меѓународен кредибилитет“.

Тој додаде дека „затоа, Организацијата за атомска енергија на Иран ќе ја суспендира соработката со Агенцијата сè додека не се гарантира безбедноста на нуклеарните објекти и ќе го забрза напредокот на мирнодопската нуклеарна програма на земјата“.

Претходно неделава, парламентарниот Комитет за национална безбедност ги одобри општите одредби од законот, а портпаролот на комитетот, Ебрахим Резаи, изјави дека законот ќе го суспендира инсталирањето на камери за надзор, инспекциите и доставувањето извештаи до ИАЕА.

По израелските напади врз нуклеарните објекти на Иран и американското  бомбардирање на подземните ирански објекти за време на викендот, иранската влада се соочува со барања за дополнително ограничување на обврските на земјата според Договорот за неширење на нуклеарно оружје.

Во интервју за катарскиот медиум Ал Араби ал џадид, министерот за надворешни работи Абас Аракчи лажа дека мисли дека нивниот став кон нуклеарната програма и режимот за неширење ќе претрпат промени, но дека не е можно сега да се каже во која насока.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ