Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Маџид Тахт-Раванчи, изјави дека секоја држава што ќе им се приклучи на Соединетите Американски Држави и на Израел во нападите врз Иран ќе се соочи со иранска одмазда.
„Ако која било земја им се придружи на Америка и Израел во агресијата врз Иран, тие исто така ќе бидат легитимни цели за иранска одмазда“, изјави Тахт-Раванчи во интервју за Франс 24.
Тој додаде дека иранските власти „преговараат со добра волја“ со Соединетите Американски Држави.
Според Би-би-си, изјавата доаѓа во време на силни тензии на Блискиот Исток, по американско-израелските напади врз ирански воени цели и иранските ракетни напади врз цели во регионот.
Франс 24 јавува дека Техеран предупредил дека проширувањето на конфликтот би можело сериозно да ја дестабилизира безбедноста на регионот и глобалните енергетски пазари, особено поради значењето на Ормускиот теснец, низ кој минува голем дел од светската трговија со нафта.
Според Ројтерс, европските влади засега повикуваат на воздржаност и дипломатско решение, стравувајќи дека директното вмешување на нови земји би можело да ја прошири војната во поширок регионален конфликт.
Во меѓувреме, дипломатски извори за Би-би-си изјавиле дека повеќе европски држави работат на итни дипломатски контакти со Вашингтон, Тел Авив и Техеран во обид да се спречи понатамошна ескалација.






