Информацијата стана јавна откако Станислав Балабанов, претставник на партијата Има таков народ, ја објави нотата од 18 март. Во неа иранската влада протестира против американските воени авиони-танкери стационирани на бугарскиот аеродром Васил Левски.
Во нотата Иран наведува дека „го задржува правото да преземе сите потребни мерки за заштита на својот суверенитет, безбедност и национални интереси во согласност со меѓународното право“.
Автентичноста на нотата подоцна ја потврди заменик-министерот за надворешни работи Марин Рајков. „Бугарија не е во војна“, им кажа тој на новинарите. „Ниеден борбен авион не ја користи Бугарија за учество во воени операции. Одржуваме нормални дипломатски односи со Иран“.
Европа, по неделите двоумење и дипломатски пораки, почна конкретно да се спротивставува на политиката на Доналд Трамп во војната против Иран. Најновите потези на клучните држави покажуваат јасен пресврт: Шпанија го затвори својот воздушен простор за американските авиони вклучени во операциите, додека Италија одби да дозволи слетување на стратегиските бомбардери.
Полска, од друга страна, го одби барањето на САД да испрати системи „патриот“ на Блискиот Исток, додека Франција одби да дозволи американски и сојузнички авиони кои носат воена опрема за Израел да летаат над нејзината територија.
Овие потези доаѓаат во време кога војната во Иран влегува во вториот месец, со растечки број жртви и сè поагресивна реторика од Вашингтон. Во исто време, Трамп зборува за можни преговори, но исто така се заканува со нови напади и преземање на нафтените ресурси на Иран.
За разлика од претходните кризи, европските земји сега за прв пат отворено блокираат конкретни воени потези од страна на САД, повикувајќи се на меѓународното право и стравот од поширока дестабилизација. Ова создава длабок јаз меѓу Вашингтон и дел од Европа – и испраќа порака дека овој пат тие нема само да ја следат американската насока.
Трамп кажа дека сериозно размислува за повлекување на САД од НАТО, повторно доведувајќи ја во прашање поентата на алијансата. „НАТО е непрепознатлив денес“, кажа Трамп во интервју за британскиот весник Телеграф.
Тој додаде дека никогаш немал доверба во алијансата. „НАТО никогаш не ме импресионираше. Секогаш знаев дека се тигар од хартија, а и Путин го знае тоа“, кажа тој. Во последните недели, Трамп остро ги критикуваше сојузниците за тоа што не учествувале во повторното отворање на Ормускиот теснец, кој Иран практично го затвори за време на војната на Блискиот Исток.






