Багери изјави дека секоја агресија против Иран ќе доведе до одмазда, објави иранскиот медиум Нур њуз близок до Врховниот совет за национална безбедност на Иран.
Трамп утрово пристигна во Саудиска Арабија со бизнис делегација, започнувајќи четиридневна турнеја низ земјите од Заливот.
Претседателот на САД беше пречекан од саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, објави Ал Арабија њуз.
Во придружба на американски бизнисмени, меѓу кои и извршниот директор на „Тесла“ и советник на Трамп, Илон Маск, Трамп прво ќе го посети Ријад, каде што се одржува Саудиско-американскиот инвестициски форум, потоа во четврток ќе отпатува во Катар и Обединетите Арапски Емирати.
За време на посетата, Трамп ја објави можноста за патување во Турција во четврток за директни разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Посетата на Заливот главно е фокусирана на економски прашања, со очекувани најави за инвестирање кои би можеле да достигнат илјадници милијарди долари.
Саудиска Арабија веќе вети 600 милијарди долари инвестиции во САД во текот на следните четири години во јануари, додека Трамп планира да побара вкупно 1 трилион долари.
За време на престојот во Ријад, Трамп, според изворите, ќе ѝ понуди на Саудиска Арабија пакет оружје во вредност од над 100 милијарди долари, вклучувајќи и напредни транспортни авиони Ц-130.
Трамп, сепак, нема да се фокусира на прашањето за нормализација на односите меѓу Саудиска Арабија и Израел, иако тоа е една од неговите главни геополитички цели, истакнува споменатата медиумска куќа.
Неговите следни посети на Катар и Обединетите Арапски Емирати ќе се фокусираат на економски теми, додека се очекува Катар да му подари на Трамп луксузен авион „Боинг 747-8“, кој би бил опремен за употреба како „Ер Форс Уан“.