Сите американски функционери, од претседателот Доналд Трамп па натаму, инсистираат на тоа дека на Иран никогаш не смее да му се дозволи да продолжи со збогатување ураниум, што би било услов за договор со кој би се укинале санкциите за иранската економија.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагши утринава во онлајн-порака рече дека целосната забрана за збогатување ураниум би значело дека „нема“ договор. Арагши на мрежата Икс напиша дека не е комплицирано да се најде пат до договор и дека е време да се донесе одлука.
Америка на преговорите во Рим повторно ќе биде претставена од претставникот за Блискиот Исток Стив Виткоф и директорот на планирањето на политиката на Стејт департментот Мајкл Антон.
Официјалните лица не кажаа каде ќе се одржат разговорите, но една од претходните рунди одржани во Рим се одржа во амбасадата на Оман.
Оманскиот министер за надворешни работи Бадр ал-Бусаиди посредува во преговорите, бидејќи Оман им е доверлив соговорник и на Техеран и на Вашингтон.
Целта на преговорите е да се ограничи нуклеарната програма на Иран во замена за укинување на некои од острите економски санкции што САД ѝ ги воведоа на земјата.
Трамп постојано се закануваше дека ќе нареди воздушни напади врз иранската нуклеарна програма доколку не се постигне договор. Иранските власти сѐ повеќе предупредуваат дека би можеле да се обидат да изградат нуклеарно оружје со своите резерви на ураниум збогатени до нивоа блиску до степенот на оружје.
Збогатувањето ураниум останува главна спорна точка во преговорите.
Виткоф во еден момент сугерираше дека Иран може да збогатува ураниум до 3,67 отсто, но подоцна почна да вели дека целото збогатување ураниум мора да престане. Со текот на времето, САД го зацврстија својот став за ова.
Во меѓувреме, Израел се заканува дека ќе ги гаѓа иранските нуклеарни постројки доколку се почувствува загрозен, што дополнително ги комплицира тензиите на Блискиот Исток, кои веќе се засилени со војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.
Иранскиот министер за надворешни работи Арагши вчера предупреди дека Иран ќе преземе посебни мерки за одбрана на своите нуклеарни постројки доколку Израел продолжи да им се заканува, предупредувајќи ги и САД дека ќе го сметаат за соучесник во секој израелски напад.
Сепак, и покрај острата реторика од Иран, на земјата ѝ треба договорот бидејќи нејзината економија е погодена од санкции.
Администрацијата на Трамп, исто така, продолжува да воведува нови санкции кон Иран, вклучително и минатата недела, кога САД ја забранија продажбата на натриум перхлорат. Иран, наводно, ја примил хемикалијата во пратки од Кина во пристаништето Шакид Раџаи во близина на Бандар Абас. Во голема необјаснета експлозија на пристаништето загинаа десетици луѓе, а повеќе од 1.000 беа повредени во април за време на едни од преговорите меѓу Иран и САД.