На говорот на Зеленски реагираше иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, кој во објава на платформата Икс, напишана на англиски јазик, порача дека Зеленски „ги цеди американските и европските даночни обврзници за да ги полни џебовите на своите корумпирани генерали“.
„На светот му е доста од збунети кловнови, господине Зеленски“, напиша Арагчи, очигледно алудирајќи на поранешната кариера на Зеленски како комичар и актер.
„За разлика од вашата војска, која ја финансираат странци и во која има платеници, ние Иранците знаеме како да се браниме и не мора да молиме странци за помош“, додаде тој.
Зеленски во говорот во Давос се осврна и на протестите во Иран, наведувајќи ги како уште еден пример, како што тврди, за западната неодлучност пред агресијата. „Имаше многу говор за протестите во Иран, но тие се удавија во крв. Светот недоволно му помогна на иранскиот народ, остана настрана“, изјави Зеленски.
Тој напомена дека протестите започнале во време на божиќните и новогодишните празници во Европа. „Додека политичарите се вратија на работа и почнаа да заземаат став, ајатолахот веќе уби илјадници луѓе. Што ќе стане Иран по ова крвопролевање? Ако режимот опстане, тоа испраќа јасна порака до секој насилник – убиј доволно луѓе и ќе останеш на власт“, смета Зеленски.
Иранските власти тврдат дека во протестите биле убиени повеќе од 3.000 луѓе, а за насилството ги обвинуваат „насилниците“, кои, наводно, ги поддржуваат Соединетите Држави и Израел. Организациите за човекови права, пак, проценуваат дека бројот на жртвите е значително поголем и дека би можел да достигне и до 20.000, истакнувајќи дека проверката на податоците е исклучително отежната поради двонеделната блокада на интернетот во Иран.
Невладините организации, вклучително и Амнести интернешнал, ги обвинија иранските безбедносни сили дека намерно пукале врз демонстрантите со цел да ги задушат протестите.






