четврток, 26 март 2026

Иран ги објави своите услови за крај на војната

Иран порача дека има „природно и законско право“ да управува со Ормускиот теснец, како дел од својот одговор на наводниот американски мировен план, објавија иранските државни медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според новинската агенција Тасним, поврзана со Иранската револуционерна гарда, Техеран веќе доставил одговор на американскиот предлог од 15 точки и сега чека реакција од Вашингтон.

Цитирајќи „информиран функционер“, агенцијата ги наведува клучните услови на Иран за можна деескалација на конфликтот:

– прекин на „агресијата и атентатите“ од страна на непријателот

– воспоставување услови што би гарантирале дека војната нема да се повтори

– јасно дефинирана воена отштета и компензација

– целосен прекин на непријателствата на сите фронтови, вклучувајќи ги сите сојузници и поврзаните групи во регионот

Истиот извор нагласи дека Иран смета дека неговото право да го остварува суверенитетот над Ормускиот теснец е „природно и засновано на меѓународното право“.

Иран го смета мировниот предлог на Соединетите Американски Држави за „едностран и неправеден“, изјави за Ројтерс висок ирански функционер, додавајќи дека е можно да се постигне напредок ако реалноста преовлада во Вашингтон.

Иран го пренел својот став до САД преку Пакистан, а функционерот кажа дека предлогот бил „детално разгледан од високи ирански функционери и претставник на врховниот лидер на Иран во средата вечерта“.

„Накратко, предлогот сугерира дека Иран треба да се откаже од својата одбранбена способност во замена за нејасен план за укинување на санкциите“, лажа иранскиот функционер, додавајќи дека предлогот не ги исполнува минималните барања.

Функционерот кажа дека „сè уште нема договор за преговори и дека ниту еден план за разговори не изгледа реален во оваа фаза“ и дека Турција и Пакистан се обидуваат да помогнат во „воспоставување заедничка основа меѓу Иран и САД и намалување на разликите“.

Белата куќа во средата соопшти дека САД ќе го нападнат Иран „посилно од кога било досега“ ако Техеран не го прифати мировниот предлог на САД.

Иран посочи и на сопствената способност за ескалација ако не се постигне прекин на огнот. Тој се закани дека ќе преземе мерки за блокирање на уште еден клучен морски пат, Црвено Море и теснецот Баб ал Мандаб, кој нуди алтернативен извозен пат за дел од нафтата од Персискиот Залив.

Американската администрација одби да открие детали за планот, но кажа дека некои медиумски извештаи се неточни.

Извори од израелската влада тврдат дека планот вклучува отстранување на иранските залихи на збогатен ураниум, запирање на иранската програма за збогатување ураниум, ограничување на иранската програма за балистички ракети и прекинување на иранската поддршка за регионалните сојузници како што е либански Хезболах.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ