Во разговор за Скај њуз, во својата канцеларија во Техеран, Хатибзадех кажа дека Иран е подготвен да се бори колку што е потребно и дека земјата во моментов не се фокусира на дипломатско решение на конфликтот.
Заменик шефот на иранската дипломатија не ја исклучи можноста за преговори, но јасно кажа дека од Соединетите Американски Држави и нивните сојузници зависи да излезат со предлог кој би го завршил конфликтот еднаш засекогаш.
На прашањето за можноста за испраќање американски копнени сили, неговата порака до американскиот претседател Доналд Трамп беше јасна: „Само прочитајте што се случи во Виетнам“.
Во 1965 година Соединетите Американски Држави се вклучија воено во Виетнамската војна за да го спречат ширењето на комунистичкиот Северен Виетнам на југот од земјата.
И покрај огромната воена сила и стотиците илјади војници на терен, САД не успеаја да ги поразат герилските сили на Виетконг и северновиетнамската армија и се повлекоа од војната во 1973 година, по што во 1975 година целиот Виетнам падна под комунистичка власт.
Американските војници, кажа Хатибзадех, би можеле да доживеат слична судбина во Иран. „Тие разбираат дека оние што ги вовлекоа во оваа војна можат да ги вовлечат и во мочуриште од кое е тешко се излегува“, нагласи тој.
Неговите изјави доаѓаат по двете недели разорен конфликт во кој, според иранските податоци, речиси 1.500 Иранци загинаа во војната со САД и Израел, додека милиони луѓе се раселени.
Речиси 1.000 луѓе надвор од Иран загинаа во конфликтот. Меѓу нив, најмалку 850 луѓе се убиени во Либан, 30 во Ирак, 13 во Обединетите Арапски Емирати, шест во Кувајт, 12 во Израел, четири во Сирија, двајца во Оман, двајца во Саудиска Арабија и двајца во Бахреин. 13 американски војници и еден француски војник, исто така, загинаа.
Хатибзадех го обвини и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека ги вовлекол САД во војната. „Тие треба внимателно да размислат кога се справуваат со Иран и да не ги слушаат советите на оние кои не го познаваат Иран и кои со децении сакаат да победат во војна против Иран со парите на американските даночни обврзници и крвта на американските војници“, порача тој.
„Нетанјаху и израелскиот режим имаат своја агенда да ја претворат оваа војна во нивна победа, на сметка на сите други“, додаде тој.
Зборувајќи за здравјето на новиот врховен лидер на Иран Моџтаба Хамнеи, заменик министерот за надворешни работи кажа дека тој е „здрав и ја води земјата“, и покрај тоа што сè уште не се појавил во јавност.






