Анализата на Зинеб Рибуа, специјалист за Северна Африка, ја опишува сепаратистичката група како „примарен извор на регионална нестабилност“, додавајќи дека американската администрација треба да дејствува против вооружената милиција.
Истакнувајќи ја стратешката промена од 2020 година, кога администрацијата на Трамп го призна мароканскиот суверенитет над Сахара, анализата повикува на јасен американски ангажман во корист на Мароко, со означување на Полисарио како терористичка група.
Рибуа како главни аргументи ги наведе таргетирањето на цивили од страна на Полисарио, кршењето на договорот за примирје на ОН од 1991 година, неговите врски со Иран и групи како Хезболах, неговата соработка со други вооружени групи, како и дестабилизирачките дејства против Мароко, кој претставува главен сојузник на САД надвор од НАТО.
Таа, исто така посочи и на населението кое во логорите во Тиндуф е претворено во заложник на Алжир, истакнувајќи дека на Сахравите им е ускратено правото на државјанство и слободно движење. Камповите ги опиша како „милитаризирани енклави“, а не „рај за бегалците“, потсетувајќи на извештајот на „Хјуман рајтс воч“ во кој детално се претставени прекршувањата на човечките права, како и појавата на ропство.
Одржувањето на конфликтот од страна на Алжир го спречува напредокот кон планот за автономија, а логорите ги претвара во магнет за терористичките групи во Сахел.
Поранешниот член на Полисарио, Аднан Абу Валид ал-Сахрави стана емир на Исламската држава во Голема Сахара, и под негова директива групата изврши бројни напади низ Сахел, вклучително и заседата во Нигер во 2017 година, во која загинаа четворица американски војници. Овој пример ги покажува опасностите што произлегуваат од статус квото кое Алжир очајно сака да го одржи.
Специјалистот за Северна Африка посочи дека од правна гледна точка на САД, Полисарио е вклучено во терористичка активност која вклучува напади со прекршување на договорите за прекин на огнот, насилство врз цивили и логистичка и оперативна координација со групи како Хезболах.
Рибуа повика САД да го искористат своето влијание за да извршат притисок врз Алжир да го разоружа Полисарио, затоа што во спротивно сепаратистичката група ќе биде класифицирана како терористичка.
Францускиот пратеник Пјер-Анри Димон на својот профил на социјалната мрежа Х ја сподели анализата на институтот, и ја повика владата на Франција исто така да го прогласи Полисарио за терористичка група. Покрај тоа, Сер Лијам Фокс, поранешниот британски државен секретар за одбрана, исто така објави линк од анализата на својот профил на X, изјавувајќи дека „Како Хамас и Хезболах, фронтот Полисарио е ирански полномошник. За доброто на нашите марокански сојузници, западните влади мора брзо да ја прогласат оваа група за терористичка организација“.