Корисниците можат да одат во опцијата „Reels“ и во горниот десен агол да кликнат на новата икона која прикажува два реда со срца. Ова отвора лична контролна табла со список на главни интереси, врз основа на содржината со која најчесто комуницираат. На тој панел, корисниците можат да означат која содржина сакаат да ја гледаат почесто, а која поретко.
Теса Лионс, потпретседателка за производи во Инстаграм, ја објасни веста во ексклузивно интервју за „Добро утро Америка“. „Ние користиме вештачка интелигенција за да ги сумираме вашите интереси врз основа на вашата активност“, кажа таа. „И ако грешиме, можете да ги отстраните тие интереси од вашиот алгоритам“.
„Мислам дека можноста да ни го кажат тоа директно за да можеме да одговориме во реално време ќе го подобри нивното доживување на Инстаграм“, додаде Лионс. „Ова е еден начин да ни дадат повратни информации за она што го гледате, што може да влијае на содржините кои ќе ги гледате во иднина. Мислам дека луѓето навистина ќе уживаат во тоа ниво на контрола и прилагодување“.
Ленс Уланхоф, уредник на популарната технолошка веб-страница Текрадар, ја истакна важноста на овој потег за разбирањето на алгоритамот од страна на корисниците. „Алгоритмите се некако во срцето на овие платформи на социјалните медиуми. Тие се можеби најважниот и најмалку разбран дел за повеќето потрошувачи“, кажа Уланхоф. „Значи, ова е многу голем чекор каде што компанијата ја отвора таа приказна и им овозможува на луѓето да разберат што всушност е и што значи за нив“.
Во постот на блогот на Инстаграм се вели дека новата функција им овозможува на корисниците да „ги видат своите главни интереси“, „да ги прилагодат своите преференции“ и „да го споделат својот алгоритам“ – односно да ги објават своите интереси на нивната инстаграм приказна за следбениците.
„Инстаграм е предводник во тоа да ви даде поголема контрола, така што вашите снимки ќе бидат релевантни и креирани за вас. Почнуваме со опцијата Reels, а наскоро планираме да ја донесеме оваа функција во Explore и на други места во апликацијата“, се вели во соопштението. „Сè уште сме на почетокот на ова патување и ќе продолжиме да го усовршуваме и подобруваме искуството со текот на времето“.






