Индиските власти го обвинија Пакистан дека користи надзвучни ракети за нападите на нивните воени бази, додека во исто време од индискиот дел на Кашмир пристигнуваат извештаи за жртви, вклучително и на висок функционер.
Портпаролката на индиската армија, полковник Софија Куреши, на брифинг утринава изјави дека Пакистан со овие проектили ги гаѓал индиските воздушни бази. Обвинението доаѓа неколку часа откако Исламабад објави дека Индија нападнала три пакистански воени бази со проектили, вклучително и една во близина на главниот град.
Индискиот министер за надворешни работи Викрам Мисри рече дека тоа е познат образец на однесување.
„Многу пати кажав дека акциите на Пакистан се тие што претставуваат провокации и ескалации. Индија одговара на нив одговорно и одмерено. И утринава бевме сведоци на продолжување на тој провокативен и ескалирачки образец“, рече Мисри.
Премиерот на територијата Џаму и Кашмир Омар Абдула потврди дека Раџ Кумар Тапа, помошник началник на областа Раџури, е убиен во гранатирањето од Пакистан. Според него, домот на Тапа бил погоден за време на гранатирање рано наутро во саботата.
„Ужасни вести од Раџури. Изгубивме посветен службеник на администрацијата на Џаму и Кашмир“, објави Абдула на платформата Икс.
Локалните власти изјавија за Би-би-си дека уште најмалку две лица, цивили, се убиени во нападите во Џаму.