среда, 21 мај 2025

Индија и Пакистан се согласија на прекин на огнот, прв објави Трамп

По ден на интензивни борби кој се закануваше да излезе од контрола, Индија и Пакистан неочекувано се согласија на моментален прекин на огнот, со што ги запреа најлошите борби во последните децении меѓу нуклеарно вооружените соседи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иако САД ја презедоа заслугата за договорот, останува прашањето како е постигнат – и дали ќе трае, пишува Си-ен-ен.

Прекинот на борбите прв го најави американскиот претседател Доналд Трамп, кој во објава на социјалните мрежи рече дека договорот дошол по медијаторство на САД во текот на ноќта.

„По долга ноќ на преговори со посредство на Соединетите Американски Држави, со задоволство можам да објавам дека Индија и Пакистан се согласија на ЦЕЛОСЕН И ИТЕН прекин на огнот. Им честитам на двете земји на нивниот здрав разум и големата интелигенција. Ви благодариме за вниманието!“ напиша Трамп.

Индија и Пакистан наскоро ја потврдија објавата на Трамп, велејќи дека прекинот на огнот стапил на сила во 17 часот според времето во Њу Делхи.

Министерот за надворешни работи на Индија Викрам Мисри не го спомена учеството на САД кога го најави договорот, во индиската изјава се вели дека договорот е постигнат „директно“ меѓу двете земји, што е спротивно на тврдењето на Трамп.

Но, извор од пакистанската влада запознаен со преговорите за Си-ен-ен изјави дека САД – и особено државниот секретар Марко Рубио – одиграле клучна улога во постигнувањето согласност од двете страни.

И пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за неговата улога во посредувањето на договорот за прекин на огнот меѓу Индија и Пакистан, додека двете земји нудат различни информации за вклученоста на Вашингтон во разговорите.

„Му благодариме на претседателот Трамп за неговото лидерство и проактивната улога за мир во регионот“, напиша Шариф на Икс, околу три часа откако Трамп првпат го најави прекинот на огнот.

Рубио, кој ја помина ноќта работејќи телефонски со двете страни, тврди дека Индија и Пакистан исто така се согласиле „да започнат разговори за широк спектар на прашања на неутрално место“. Но, индиската влада во соопштението изјави дека не е донесена одлука за одржување разговори „за кое било друго прашање на кое било друго место“, а Пакистан сè уште не ги потврдил плановите. Министерот за надворешни работи на Индија рече дека генералните директори за воени операции на двете земји треба повторно да разговараат во понеделник.

Не треба да биде изненадувачки што овие огорчени соперници нудат различни извештаи за тоа како е договорен прекинот на огнот, пишува Си-ен-ен. Индија, која се смета себеси за суперсила во подем, долго време се спротивставува на меѓународно посредништво, додека Пакистан е поотворен за тоа, велат аналитичарите. Сега кога борбите се прекинати, двете страни веројатно сакаат да ги обликуваат перцепциите за тоа што постигнале и како завршило.

Претходно во саботата, Пакистан соопшти дека Индија погодила неколку свои воени бази со ракети, на што Пакистан одговори со напади врз индиските бази. Интензитетот на тие борби го прави договорот за прекин на огнот од попладнето уште поизвонреден.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ