Специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, вчера го објави почетокот на втората фаза од планот за завршување на конфликтот во Газа, преку воспоставување технократска палестинска администрација во таа енклава.
„САД очекуваат Хамас целосно да ги исполни своите обврски, вклучително и итното враќање на посмртните останки на последниот починат заложник. Неисполнувањето ќе донесе сериозни последици“, напиша Виткоф во објава на мрежата Икс.
Израел и Хамас во октомври го потпишаа планот на Трамп од 20 точки, во кој се наведува дека технократско палестинско тело, под надзор на меѓународен „Комитет за мир“, треба да управува со Газа во преоден период. Во тоа тело не треба да има претставници на Хамас.
Четиринаесетчленото палестинско тело ќе го води Али Шат, поранешен заменик-министер во Палестинската управа, поддржана од Западот, кој беше задолжен за развој на индустриски зони, рекле палестински извори за Ројтерс. Другите членови, кои ги избрал Николај Младенов, поранешен пратеник на Обединетите нации за Блискиот Исток, за кого се очекува на терен да го претставува Комитетот за мир, вклучуваат лица од приватниот сектор и од невладините организации, се наведува во списокот со имиња до кој дошла британската агенција.
Хамас и ривалското движење Фатах, на чие чело е палестинскиот претседател Махмуд Абас, го поддржале списокот на членови, рекле египетски и палестински извори.
Како што навеле палестинските извори, во телото ќе бидат и претседателот на Стопанската комора на Газа, Ајед Абу Рамадан, како и Омар Шамали, кој работел за Палестинската телекомуникациска група Палтел.
На Западниот Брег, Палестинската управа ги поздрави напорите на Трамп за продолжување на фазниот план за Газа, се наведува во соопштение што на мрежата Икс го објави палестинскиот потпретседател Хусеин ал-Шеик.
Ал-Шеик изјави дека институциите во Газа треба да се поврзат со оние што ги води Палестинската управа на Западниот Брег, „со почитување на принципите на еден систем, еден закон и едно легитимно оружје“.
Реализацијата на првата фаза од планот на Трамп, која вклучуваше прекин на огнот и договор за ослободување на заложници, беше доведена во прашање поради низа проблеми, меѓу кои израелските воздушни напади во Газа во кои загинаа стотици луѓе, одбивањето на Хамас да се разоружи, фактот дека посмртните останки на последниот израелски заложник сè уште не се вратени, како и израелските одложувања во повторното отворање на граничниот премин Рафа кон Египет.
Иако двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на договорот, Трамп вели дека сака да премине на втората фаза — што би подразбирало воспоставување на Комитетот за мир и сè уште неусогласено распоредување мировни сили.
Лидерите на Хамас и на други палестински фракции се наоѓаат во Каиро на разговори за втората фаза, соопшти таа група. Египетски извори изјавија дека разговорите со Хамас сега ќе се фокусираат на разоружување на таа група.
Хамас досега не се согласил да го положи оружјето, порачувајќи дека ќе се откаже од него дури кога ќе биде воспоставена палестинска држава. Понатамошните израелски повлекувања во рамките на Газа се поврзани со разоружувањето.






