„Да бидам јасен, не користам дрога! Њујорк тајмс лаже. Пред неколку години користев кетамин на рецепт и објавив за тоа на Икс, така што ова не е ништо ново. Оттогаш не сум го земал“, напишал најбогатиот човек во светот.
Во својот напис од петок, Њујорк тајмс објави дека Маск консумирал значителни количини на кетамин, анестетик со стимулирачки ефекти, екстази и халуциногени печурки за време на изборната кампања.
Илон Маск, извршен директор на Икс, Тесла и СпејсЕкс, претходно јавно изјави дека користи мали дози на кетамин за борба против депресивните склоности и дека тоа му помага да работи поефикасно. Тајмс го базираше својот напис на приватни пораки и интервјуа со повеќе од 10 луѓе кои го познаваат Маск или работеле со него.
Волстрит џурнал минатата година објави дека Маск повремено користел дроги во минатото. Некои членови на одборот на Тесла, неговата компанија за електрични возила, беа загрижени за неговата употреба на дроги, вклучително и „амбиен“ за лекување на проблеми со спиењето.
Маск поднесе оставка од американската администрација во петокот, каде што беше задолжен за намалување на федералните трошоци. Тој изјави дека го прави тоа затоа што ги запоставил своите компании.