Во долго интервју со подкастерот Дваркеш Пател, во кое учествуваше и ко-основачот и претседател на Страјп, Џон Колисон, Маск беше прашан зошто заговараше агресивно намалување на владините трошоци додека го водеше Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ) ако веќе верува дека технологијата силно ќе го поттикне растот на БДП и ќе ја олесни отплатата на долгот.
Маск одговори дека првенствено е загрижен за расипништвото и измамите, иако бројни извештаи укажуваат дека меѓу масовните отпуштања имало клучни луѓе кои владата подоцна морала повторно да ги вработи.
„Без вештачката интелигенција и роботиката, ние сме всушност мртви, бидејќи јавниот долг се натрупува со неверојатна брзина“, додаде Маск. Тој кажа дека само каматата на американскиот долг од 38,5 трилиони долари е околу 1 трилион долари годишно, што веќе го надминува буџетот на американската војска.
Трошоците за сервисирање на долгот се повисоки од трошоците за социјални програми како што е Медикер. Но, американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе ги зголеми годишните трошоци за одбрана на 1,5 трилиони долари, поради што воениот буџет повторно би можел да го надмине износот на каматата, барем привремено.
Осврнувајќи се на својата работа во ДОГЕ, Маск кажа дека сака да го успори она што го нарече неодржлива фискална траекторија на САД и да купи време додека вештачката интелигенција и роботиката не го поттикнат економскиот раст.
„Тоа е единственото нешто што може да го реши проблемот со јавниот долг. Ќе банкротираме 1.000 отсто како земја и ќе пропаднеме како земја без вештачка интелигенција и роботи“, предвиде Маск. „Ништо друго нема да го реши проблемот со јавниот долг. Ни треба само доволно време да изградиме вештачка интелигенција и роботи за да не банкротираме пред тоа“.
Кон крајот на ноември Маск даде слични тврдења во подкастот на Никил Камат, велејќи дека примената на вештачката интелигенција и роботиката „во многу голем обем“ е единственото решение за должничката криза на САД.
Сепак, тој предупреди дека брзиот раст на производството на стоки и услуги, поттикнат од овие технологии, веројатно ќе доведе до силна дефлација. „Тоа изгледа веројатно затоа што едноставно нема да можете да ја зголемите понудата на пари толку брзо како количеството на произведени стоки и услуги“, додаде Маск.
Дефлацијата, во реални услови, дополнително би го зголемила долгот, додека инфлацијата првично би ја олеснила ситуацијата, но последователното зголемување на приносите од обврзниците повторно би довело до силен пораст на трошоците за камата.
Сепак, Соединетите Американски Држави имаат некои вградени предности бидејќи доларот сè уште се користи како светска резервна валута, што му овозможува на Министерството за финансии да позајмува по пониски каматни стапки отколку што би било поинаку можно.
Способноста на САД да издаваат долг во сопствена валута, како и капацитетот на американската централна банка да купува обврзници, дополнително го намалуваат ризикот од целосен банкрот.
И покрај ова, Комитетот за одговорен федерален буџет предупреди минатиот месец дека САД се на пат кој би можел да предизвика дури шест различни видови фискални кризи.
Иако, како што наведуваат, „невозможно“ е да се предвиди кога би можел да се случи пад, „некаква форма на криза е речиси неизбежна“ ако насоката на фискалната политика не се промени, се вели во извештајот одборот.






