недела, 7 декември 2025

Илјадници Палестинци се враќаат во своите домови во Газа: „Ова чувство не се опишува“

Илјадници Палестинци денес патуваат пеш, со автомобили и туркаат колички по бреговите на Појасот Газа до своите разрушени домови на север, додека продолжува примирјето меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Израелските војници се повлекоа како дел од првата фаза од договорот постигнат со посредство на Соединетите Американски Држави оваа недела за крајот на војната во која загинаа десетици илјади луѓе и беше уништен поголемиот дел од крајбрежната енклава.

„Чувството не се опишува, фала му на Бога“, вели Набила Басал, патувајќи пеш со својата ќерка, која кажа дека претрпела повреда на главата во конфликтот. „Многу сме среќни што оваа војна заврши и страдањето заврши.“

Откако израелските сили се префрлија во петокот, напуштајќи ги главните урбани области, но задржувајќи контрола врз приближно половина од енклавата, времето почна да отчукува за Хамас, кој има 72 часа да ги ослободи израелските заложници.

„Многу сме возбудени, го чекаме нашиот син и сите 48 заложници“, вели Хагај Ангрест, чиј син Матан е меѓу дваесетте израелски заложници за кои се верува дека се уште се живи. „Чекаме телефонски повик“.

Дваесет и шест заложници беа прогласени за мртви во отсуство, а судбината на преостанатите двајца заложници е непозната.

Според договорот, откако ќе бидат вратени заложниците, Израел ќе ослободи 250 Палестинци кои издржуваат долги затворски казни во израелските затвори и 1.700 притворени за време на војната.

Исто така, се очекува стотици камиони со храна и медицинска помош да влегуваат во Газа секој ден.

Сепак, сè уште не се знае дали примирјето и договорот за размена на заложници и затвореници, најголемиот чекор досега кон завршување на двегодишната војна, навистина ќе доведат до долгорочен мир според планот од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп.

Работите сè уште можат да тргнат наопаку бидејќи сè уште е потребен договор за другите чекори во планот на Трамп. Не е јасно како ќе се управува со уништениот Појас Газа по завршувањето на конфликтот, ниту што конечно ќе се случи со Хамас, кој го одби барањето на Израел за разоружување.

Во разговор со новинарите во Белата куќа, Трамп рече дека е уверен дека примирјето ќе успее и дека „сите се уморни од борбата“.

Тој кажа дека постои „консензус“ за следните чекори, но призна дека треба да се разработат деталите.

Израелците и Палестинците се радуваа откако беше објавен договор за завршување на двегодишната војна во која беа убиени повеќе од 67.000 Палестинци, претежно цивили, и за враќање на последните заложници земени од Хамас во смртоносниот напад кој ја предизвика војната.

Во нападот на Хамас врз израелските заедници, воените бази и музичкиот фестивал на 7 октомври 2023 година, милитантите убија 1.200 луѓе, претежно цивили, и зедоа 251 заложник.

Се очекува Трамп да го посети регионот во понеделник и да се обрати пред Кнесетот, израелскиот парламент.

Последниот американски претседател кој го стори тоа беше Џорџ Буш во 2008 година.

Трамп кажа дека ќе отпатува и во Египет и дека се очекува да бидат присутни и други светски лидери.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ