„Се решив на чекор за кој мислев дека никогаш нема да го направам. Одлучив засекогаш да се откажам од концернот АГРОФЕРТ со кој повеќе нема да имам никаква врска – нема да биде во мое сопствеништво, нема да бидам економски поврзан со него, ниту ќе имам каква било врска“, соопшти вечерва Бабиш во видеопорака на социјалните мрежи.
Правниците на Бабиш, за да го решат судирот на интереси доколку тој стане претседател на влада што одлучува за земјоделската политика и јавните набавки, како и за националните и европските дотации, ја избрале варијантата на „слеп траст“, по моделот на правното решение во Канада, при што фондот ќе го управува целосно независно лице со кое ниту тој, ниту кој било член на неговото семејство нема да има врска.
„Акциите на АГРОФЕРТ никој никогаш повеќе нема да ми ги врати, па ни кога ќе ја напуштам политиката. Исто така, моите деца и мојата сопруга нема да имаат никакво влијание врз АГРОФЕРТ. На децата ќе им се врати сопствеништвото по мојата смрт“, рече Бабиш.
Чешкиот претседател Петр Павел го натера Бабиш да ѝ соопшти на јавноста како ќе го реши својот судир на интереси, согласно со чешките и европските закони, бидејќи одбиваше претходно да го именува за премиер, иако неговата партија АНO убедливо победи на парламентарните избори на 3 и 4 октомври.
Според Уставот, чешкиот претседател не мора да го именува за премиер ниту лидерот на партијата победничка на изборите, ниту лидерот на можното парламентарно мнозинство, туку буквално кого и да посака, што го користеше поранешниот претседател Милош Земан за да ја одржи малцинската влада на Бабиш.
Дури ако два пати владите именувани од шефот на државата не добијат доверба во парламентот, третиот обид да се пронајде премиер му припаѓа на претседателот на Долниот дом.
Според чешкиот закон за судир на интереси, заострен со измените наречени „Лекс Бабиш“, АГРОФЕРТ не би смеел да учествува на тендери за јавни набавки ниту да добива дотации, а судовите во случаи поврзани со претходните дотации за АГРОФЕРТ потврдија дека не било доволно тоа што Бабиш, кога претходно беше премиер од 2017 до 2021 година, ги сместил акциите во обичен доверенички фонд.
Претседателот Павел инсистираше Бабиш да го реши проблемот со судирот на интереси, бидејќи поради него би можеле да бидат загрозени и другите европски дотации за целата Чешка, а правото на тоа му го потврди и претходна одлука на Уставниот суд.
Бабиш, по влезот во владата – прво како министер за финансии во 2013 година, а потоа од 2017 како премиер – го зголеми своето богатство четирикратно, во голем дел благодарение на јавните набавки и дотациите, и се најде на второто место на листата на „Форбс“ за најбогати Чеси, додека неговото богатство по заминувањето од владата почна да се намалува и тој заврши на седмото место на листата.
Во рамките на АГРОФЕРТ, кој Бабиш, доселеник од Словачка, го основал во 1993 година, работат повеќе од 250 претпријатија во Чешка и регионот на Централна Европа, пред сè во Словачка, Германија и Австрија, а има свои претставништва и деловни активности во повеќе од 20 земји на четири континенти.
На најновата листа на највредни чешки компании, АГРОФЕРТ е на осмото место и вработува околу 40.000 луѓе.
Претседателот на Чешка, Петр Павел, вети дека веднаш штом Бабиш јавно ќе соопшти како го решил судирот на интереси, најверојатно следната недела, ќе го именува Бабиш за премиер.






