Сепак, иако животите на Палестинците се уништени од израелските воздушни напади и бомбардирања, Ал Каир и другите цврсто го отфрлаат планот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој го поддржува и Израел, за раселување на 2,3 милиони жители на Газа. „Ова е нашата земја. На кого би ја оставиле, каде би оделе?“, вели за Ројтерс Ал Каир, техничар по професија.
Трамп, за време на состанокот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа во понеделникот, навести напредок во контроверзната иницијатива за преселување на Палестинците од крајбрежната енклава.
Обраќајќи им се на новинарите на почетокот на вечерата меѓу американските и израелските функционери, Нетанјаху кажа дека Соединетите Американски Држави и Израел работат со други земји за да им дадат на Палестинците „подобра иднина“, сугерирајќи дека жителите на Газа би можеле да се преселат во соседните земји.
Зборувајќи со Трамп, Нетанјаху рече: „Знаете, ако луѓето сакаат да останат – можат да останат. Но, ако сакаат да заминат, треба да им биде дозволено да заминат. Тоа не треба да биде затвор. Треба да биде отворено место што им дава на луѓето слобода на избор“.
Самиот Нетанјаху изјави дека Израел работи со Вашингтон за да пронајде други земји што би се согласиле со таков план. „Многу тесно соработуваме со САД за да пронајдеме земји што сакаат да го сторат она што отсекогаш го велеа – да им дадат на Палестинците подобра иднина. Мислам дека сме блиску до наоѓање неколку такви земји“.
Кога беше прашана за изјавите на Нетанјаху, портпаролката на Обединетите нации за човекови права, Равина Шамдасани, кажа дека тоа „предизвикува загриженост во врска со присилно раселување“. „Концептот на доброволно преселување во контекст на она што моментално го гледаме во Газа е многу сомнителен“, порача таа.
Ројтерс потсетува дека пет дена откако стана претседател во јануари, Трамп изјави дека Јордан и Египет треба да ги примат Палестинците од Газа, навестувајќи дека можеби е отворен за долгорочен план. Каиро и Аман брзо ја отфрлија идејата на Трамп да ја претвори осиромашената Газа во „ривиера на Блискиот Исток“, а истот го направија и Палестинците и организациите за човекови права, кои кажаа дека планот би претставувал етничко чистење.
На прашањето за раселувањето на Палестинците, Трамп одговори дека земјите околу Израел помагаат. „Имавме одлична соработка со… околните земји… Значи, нешто добро ќе се случи“, кажа Трамп.
Саид, 27-годишен Палестинец од Газа, беше вознемирена од веста дека Трамп и Нетанјаху повторно ја споменуваат идејата за раселување.
Дури и по повеќе од 20 месеци војна и повеќекратни внатрешни раселувања, тој останува длабоко поврзан со Газа – мала, густо населена енклава која е дом на генерации бегалци од војната во 1948 година со која беше создаден Израел.
„Имаме право да заминеме и да посетуваме други земји по наша слободна волја, но како Палестинци го отфрламе планот за раселување“, вели Саид. Палестинците долго време се стремат да создадат независна држава на територијата која ги опфаќа Западниот Брег, Газа и Источен Ерусалим, окупирани од Израел, преку мировниот процес со посредство на САД.
Нетанјаху во понеделникот во Белата куќа изјави дека сака мир со Палестинците, но ја опиша секоја идна независна палестинска држава како платформа за уништување на Израел, поради што, рече тој, суверените безбедносни овластувања мора да останат во рацете на Израел.
Кога новинар го праша дали е можно решение со две држави, Трамп кажа „Не знам“ и му остави на Нетанјаху да одговори.
„Мислам дека Палестинците треба да ги имаат сите овластувања да се управуваат сами, но никакви овластувања кои би можеле да нè загрозат. Ова значи дека суверените овластувања, како што е целокупната безбедност, секогаш ќе остане во наши раце“, порача Нетанјаху. Подоцна додаде: „По 7 октомври, луѓето велеа дека Палестинците веќе имаат држава – државата на Хамас во Газа – и погледнете што направија со неа. Тие не ја изградија. Копаа под неа, изградија бункери, терористички тунели, а потоа ги масакрираа нашите луѓе, ги силуваа нашите жени, ги отсекоа главите на нашите мажи, ги нападнаа нашите градови и села, нашите кибуци и извршија ужасни масакри, какви што не сме виделе од Втората светска војна и од нацистите, од холокаустот. Па луѓето веројатно нема да речат: „Ајде да им дадеме уште една држава“. Тоа би била платформа за уништување на Израел.“
Раселувањето е едно од најемотивните прашања за Палестинците, кои се плашат од повторување на „накбата“ (катастрофата) од 1948 година, кога стотици илјади луѓе беа протерани од своите домови.
Соочени со безмилосните израелски воздушни напади и сериозен недостиг од храна, гориво, лекови и вода, некои Палестинци бараат начини да заминат, според наодите од Палестинскиот центар за истражување на политиката и јавното мислење. „Речиси половина би сакале да го напуштат Појасот Газа доколку можат“, се вели во мајскиот извештај на Институтот.
Предлогот во кој имала увид агенцијата Ројтерс, кој ја носи ознаката на контроверзната хуманитарна организација поддржана од САД, се опишува план за изградба на големи кампови наречени „Хуманитарни транзитни зони“ во – и евентуално надвор од – Газа за сместување на палестинското население.
Неодамна, израелскиот министер за одбрана, исто така, ги истакна плановите за присилно преместување на сите Палестинци во Газа во камп на урнатините на Рафа, како дел од план што правните експерти и академиците го опишаа како план за злосторства против човештвото. Израел Кац изјави дека ѝ наредил на израелската армија да се подготви за воспоставување камп, кој го нарече „хуманитарен град“, на урнатините на градот Рафа, објави Хаарец.
Израелските сили би го контролирале периметарот на таа област и првично би „преселиле“ 600.000 Палестинци во таа област, а на крајот целото население на Газа ќе биде населено таму, рече Кац, додавајќи дека Израел има намера да спроведе „план за емиграција, што ќе се случи“.
Палестинецот Абу Самир ал Факавија вели дека нема да ја напушти Газа. „Ова е мојата земја“, изјави тој за Ројтерс. Тој додава: „Нашите деца кои станаа маченици во оваа војна се закопани тука. Нашите семејства. Нашите пријатели. Нашите роднини. Сите сме закопани тука. Му се допаѓало тоа на Трамп, Нетанјаху или кој било друг – ние остануваме на оваа земја“.