Фондацијата, која користи приватни американски безбедносни и логистички компании за испорака на хуманитарна помош во Газа, соопшти дека 19 жртви биле згазени од толпа, а едно лице било избодено со нож за време на „хаотично и опасно стампедо“. Се вели дека стампедото било предизвикано од вооружени поттикнувачи.
„Имаме веродостојни причини да веруваме дека елементи во толпата – вооружени и поврзани со Хамас – намерно ги поттикнале немирите“, се вели во соопштението на ГХФ. Хамас немаше непосреден коментар.
Канцеларијата за човекови права на ОН вели дека во текот на изминатите шест недели, најмалку 875 смртни случаи се документирани во близина на хуманитарни пунктови и конвои во Газа, повеќето од нив во близина на дистрибутивните точки на ГХФ.
Палестинските здравствени претставници изјавија за Ројтерс дека најмалку 20 лица починале од задушување на тоа место. Еден медицински работник изјавил дека многу луѓе биле збиени во мал простор и биле згмечени.
ГХФ, кој започна со дистрибуција на пакети со храна кон крајот на мај откако Израел ја укина 11-неделната блокада на хуманитарните испораки, претходно ги отфрли критиките од ОН, обвинувајќи ги за ширење дезинформации.
ОН го нарече моделот на ГХФ небезбеден и ја обвини фондацијата за кршење на стандардите за хуманитарна непристрасност. ГХФ работи надвор од системот за помош координиран од ОН, бидејќи Израел верува дека ова го намалува ризикот Хамас да ги ограбува ресурсите.






