петок, 16 јануари 2026

Хрватски европратеник: Вучиќ одбива да разговара за европската иднина на Србија

Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула од Хрватска, изјави дека нема ништо необично во доаѓањето на делегацијата на ЕП во Србија, оценувајќи дека претседателот Александар Вучиќ одбива дијалог за европската иднина на неговата земја, додека во Србија продолжуваат споровите околу посетата на европратениците.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во изјава за агенцијата Фонет, Пицула изјави дека дипломатското претставништво на Србија во Брисел било соодветно информирано за доаѓањето на делегацијата на ЕП, а Делегацијата на Европската Унија во Белград, исто така, работела на програмата.

„Мислам дека многу поголем проблем е тоа што претседателот Александар Вучиќ одбива да дојде на состаноците за политиката на проширување на Европската Унија и состојбата на преговарачкиот процес со Србија, дури и кога е поканет на нив“, кажа Пицула.

Според него, Вучиќ многу отворено го отфрлил дијалогот за европската иднина на Западен Балкан и Србија, како што беше случајот со неодамнешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел, на кој тој одби да учествува.

„Не знам кои соговорници од ЕУ му одговараат на политичкиот врв на Србија. Тие не сакаат постојан известувач за Србија, делегација на ЕП, па дури ни нивните партиски партнери од ЕПП, кои се дел од делегацијата. Како воопшто имаат намера да водат значаен дијалог за патот на Србија кон членство во ЕУ ако на овој начин го намалуваат кругот на соговорници од истата ЕУ“, праша Пицула.

Тој нагласи дека целта на доаѓањето на делегацијата на ЕП останува непроменета, без оглед на фактот дека разговорите со најодговорните политичари за ситуацијата во земјата би придонеле значително за содржината на мисијата.

Пицула истакна дека Европскиот парламент е институција на ЕУ која игра важна улога во влезот на земјите кандидати во ЕУ и дека ЕП мора да го ратификува пристапниот договор на идна членка на Унијата, додавајќи дека ЕП систематски ја следи состојбата на преговорите, но и општата состојба во земјата кандидат. „Бидејќи Србија веќе долго време минува низ турбулентен период, Европскиот парламент сака директно да чуе како клучните политички и општествени актери ја гледаат не само ситуацијата, туку и можните решенија за кризата“, кажа Пицула.

Затоа е планирано, покрај политичарите, делегацијата на ЕП да се сретне и со претставници на медиумите, граѓанското општество и академската заедница.

Србија е блокирана во процесот на пристапување кон Унијата, иако преговорите ги започна пред повеќе од 10 години, а во моментов е во застој и не се отворени нови поглавја-кластери за преговори речиси три години, главно поради тоа што не ѝ воведува санкции на Русија.

Во своите последни два извештаи, Европската комисија тврди дека нема посакуван напредок во клучните области – владеењето на правото и судските реформи, со континуиран политички притисок врз судството и обвинителството, регресија во областа на слободата на изразување и слободата на медиумите, како и во борбата против корупцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ