понеделник, 22 декември 2025

Хрватска се колеба: Претседателот бара прекин на трговијата на оружје со Израел, владата се оградува

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ вчера повторно ја повика владата да ја запре целата трговија со оружје и воена опрема со Израел, повикувајќи се на овластувањата што произлегуваат од неговата позиција врховен командант на вооружените сили.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како што објави неговиот кабинет, Милановиќ уште во мај оваа година наредил прекин на сите форми на воена соработка со израелската армија, што им било соопштено и на членовите на Советот за одбрана.

Сепак, хрватското министерство за одбрана тврди дека немало таква соработка. Во соопштението се наведува дека во моментов нема директна набавка на оружје од Израел, додека противтенковските ракети „спајк“, кои се од израелско потекло, се купуваат индиректно – од германската компанија Евроспајк, која ги произведува по лиценца. Министерството за одбрана, исто така, додава дека вооружените сили поседуваат беспилотни летала „орбитер“, како и одреден број израелски станици за оружје на возилата „патрија“, но дека ништо од ова не е од витално значење за националната безбедност и може да се замени со европски компоненти.

Апелот на Милановиќ доаѓа во време кога Словенија, како прва земја-членка на Европската Унија, воведува забрана за извоз и транзит на оружје од и кон Израел. Сличен потег сè повеќе се разгледува во Загреб, со цел да се испрати јасна политичка порака, но без прекин на дијалогот, според министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман.

Во контекст на европските политики, Хрватска досега не се согласуваше со идејата за суспендирање на соработката со Израел во рамките на програмата „Хоризонт Европа“, клучен инструмент на ЕУ за научна и иновативна соработка. Сепак, Европската комисија препорача делумно суспендирање на израелското учество поради кршење на човековите права и меѓународното хуманитарно право во Газа.

И покрај притисокот на Милановиќ, останува отворено прашање дали хрватската влада ќе преземе понатамошни чекори. Министерството за одбрана вели дека израелската опрема не е стратешки столб на хрватската војска, додека претседателот смета дека секоја континуирана соработка со сегашните израелски власти би била морално и политички проблематична.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ