среда, 25 март 2026

Хрватска продолжува со ограничување на горивата на бензинските пумпи, но не на автопатите

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ изјави дека владата поради ситуацијата на Блискиот Исток продолжува со регулирање на цените на горивата, кои ќе се зголемат од утре, но помалку отколку што би биле без мерките.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Мерките на владата се однесуваат само на бензинските пумпи надвор од автопатите, додека цените на горивата на автопатите ќе бидат пазарни.

„Поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, сведочиме на зголемување на цената на барел нафта за 60 проценти за многу краток временски период. Како дел од десеттиот пакет мерки, владата го ублажува зголемувањето на цените на горивата“, кажа премиерот на состанокот на кабинетот во Загреб.

Од утре и во следните две недели цената на евросуперот ќе се зголеми од сегашните 1,50 на 1,62 евра, додека без владини мерки би изнесувала 1,71 евра.

Евродизелот ќе поскапи од 1,55 евра на 1,73 евра, а без владини мерки цената би била 1,86 евра. Синиот дизел ќе поскапи за 0,30 евра и ќе чини 1,19, а без владините мерки би чинел 1,23 евра.

Премиерот изјави дека владата ќе ги продолжи субвенциите за електрична енергија и гас до 30 септември.

Министерот за економија Анте Шушњар изјави дека владата усвоила важни мерки за дерегулација на формирањето на цените на автопатите, со што се обидува да го сузбие „бензинскиот туризам“.

„Во текот на вчерашниот ден, одредени дистрибутери забележаа рекордна продажба, во милиони литри, а одредени соседни земји повикаа на полнење гориво во Хрватска“, изјави Шушњар за новинарите по владината седница.

Тој истакна дека Хрватска мора да ја земе предвид, пред сè, безбедноста на снабдувањето на домашниот пазар и објасни дека затоа е донесена мерката за дерегулација на цените на автопатите кои беа опфатени со претходните владини мерки.

Шушњар порача дека безбедноста на снабдувањето не е доведена во прашање во ниту еден момент.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ