Според податоците од секторот, дури 875 возачи се вратени од границата со Хрватска, додека бројни товарења веќе се откажани. На состанокот на Работната група во Сараево беше објавено дека решение сè уште не е на повидок, додека превозниците тврдат дека секторот веќе е „на колена“, објавува Н1.
Министерот за транспорт Един Форто истакна дека проблемот погрешно се третира како миграциско прашање, а не како трговско прашање, и најави иницијативи кон Хрватска и институциите на ЕУ.
„Очекуваме Европската комисија да најде решение и да обезбеди исклучок за професионалните возачи“, кажа Форто, додавајќи дека брзо решение не е реално, но е неопходно.
Стопанските комори предупредуваат дека последиците одат многу подалеку од транспортниот сектор.
Претседателот на Стопанската комора на Федерацијата БиХ, Мирсад Јашарспахиќ, нагласи дека проблемите во транспортот би можеле да предизвикаат домино ефект и да ги исфрлат домашните компании од глобалните синџири на снабдување. Претседателот на Стопанската комора на Република Српска, Горан Рачиќ, слично предупредува, нарекувајќи ја ситуацијата „најголем предизвик за економијата од војната“, нагласувајќи дека затворањето на транспортниот сектор би довело до зголемување на трошоците и губење на конкурентноста.
Превозниците предупредуваат и на конкретните загуби – некои компании веќе бележат стотици илјади евра дневно, додека дополнителен проблем е нееднаквата примена на правилата на границите.
Зијад Шариќ од Логистичкиот конзорциум презентираше алармантни податоци. „Денес имаме 875 возачи кои се вратени од границата со Република Хрватска. Никогаш не знаеме кога возачот ќе ја премине границата, дали ќе го вратат или не“. Тој посочи на нееднаквата примена на правилата. „Имаме премини каде што важат правилата, но не и на други. Имаме ист проблем во Србија и Хрватска“.
Доколку наскоро не се најде решение најавени се нови протести, а превозниците велат дека не сакаат да ги блокираат другите, туку да укажат дека и самите се блокирани.






