вторник, 20 јануари 2026

Хрватска и Словенија поканети во Трамповиот Одбор за мир, ќе размислат

Хрватска добила покана да се приклучи во Одборот за мир, иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп за решавање на глобалните конфликти, објавија денеска хрватските медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Владата потврди дека поканата пристигнала и дека ќе биде разгледана, но без да изнесе дополнителни детали.

Покана добила и Словенија, објави словенечкиот премиер Роберт Голоб. Извори блиски до словенечката влада изјавиле за агенцијата СТА, неофицијално, дека премиерот не е наклонет кон соработка во рамките на овој одбор.

Според истите извори, словенечката влада најверојатно ќе расправа за ова прашање в четврток.

Покани за приклучување кон новата иницијатива на Трамп добиле и многубројни светски лидери, меѓу кои и рускиот претседател Владимир Путин. Сепак, засега не е познато дали тие ќе ја прифатат поканата.

Трамп го предложи формирањето на Одборот за мир во септември минатата година, кога го најави својот план за завршување на војната во Газа, но во меѓувреме иницијативата е проширена и на сите други конфликти во светот.

Нацрт-повелбата што американската администрација ја испратила до околу 60 држави предвидува земјите-членки да уплатат една милијарда долари во готово доколку сакаат нивното членство да трае подолго од три години, според документ во кој агенцијата Ројтерс имала увид.

Досега, Унгарија и Албанија се единствените европски држави што со отворен ентузијазам реагирале на поканата за приклучување кон Одборот за мир, додека Европската Унија и нејзините водечки членки, особено Франција и Германија, зазедоа воздржан став.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ