Радиодифузерот во сопственост на „Волт Дизни“ соопшти дека го повлекува „Џими Кимел во живо“ на неодредено време откако барем една филијала изјави дека ќе ја замени емисијата на своите радиобранови, а највисокиот регулатор за комуникации во земјата се закани со истраги поради изјавите на Кимел, објави Ројтерс.
Водителот „доцна во ноќта“, чест критичар на Трамп, во својот монолог во понеделникот сугерираше дека сојузниците на Кирк ја користат неговата смрт за да „освојат политички поени“.
Синдикатите што ги претставуваат писателите и актерите рекоа дека потегот претставува напад врз уставно заштитените права на слобода на говорот, велејќи дека Еј-би-си не требало да попушти пред притисокот од американската влада.
Прекинувањето на емисијата на Кимел е најновиот потег против медиумски личности, академски работници, наставници и вработени во корпорации поради нивните забелешки за Кирк по атентатот врз 31-годишникот пред една недела во Јута.
„Она на што се согласивме – колку и да е болно понекогаш – е договорот за слободно несогласување“, изјавија во заедничко соопштение Здружението на писатели на Западна Америка и Здружението на писатели на Источна Америка. „Срам да им е на оние во владата што ја забораваат оваа основна вистина. Што се однесува до нашите работодавци, нашите зборови ве направија богати. Нашето замолкнување го осиромашува целиот свет.“
За убиството на Кирк е обвинет 22-годишник, а неговиот прецизен мотив останува нејасен. Смртта на Кирк предизвика изливи на тага меѓу обожавателите, а поттикна и некои истакнати десничарски поддржувачи да ги напаѓаат луѓето што беа критични кон ставовите на Кирк или се шегуваа за неговото убиство.
САГ-АФТРА, синдикатот што ги претставува актерите, го осуди укинувањето на емисијата, велејќи дека „одлуката за суспендирање на емитувањето на ‘Џими Кимел во живо!’ е вид на потиснување и одмазда што ги загрозува слободите на сите“, додека актерот Бен Стилер напиша „ова не е во ред“ на социјалната мрежа Икс.
Претседателот Доналд Трамп постојано се закануваше дека ќе ги одземе лиценците од телевизиските станици и врши притисок врз радиодифузерите да престанат да емитуваат содржина што тој ја смета за неприфатлива. Тој, исто така, го насочи својот гнев кон печатените медиуми со поднесување тужба за клевета од 15 милијарди долари против Њујорк тајмс.
Во средата, претседателот на Федералната комисија за комуникации, Брендан Кар, ги повика локалните радиодифузери да престанат да ја емитуваат емисијата. Кимел, кој често го напаѓа Трамп во неговата доцноноќна комична емисија, не одговори на барањето за коментар.
Еј-би-си ја повлече емисијата по коментарите на Кимел од 10 септември, кога тој посочи дека „МАГА-бандата“ „прави сè што може за да освои политички поени“ од атентатот на Кирк. Тој, исто така, го критикуваше Трамповото оплакување, споредувајќи го со „четиригодишно дете што оплакува златна рипка“.
Американската федерација на музичари рече дека „Трамповата регулаторна агенција откри говор што не ѝ се допадна и ѝ се закани на Еј-би-си со екстремни одмазди. Ова е државна цензура“.






