Секоја година, церемонијата започнува со минута молчење точно во 8:15 часот по локално време, кога се случи нападот.
На 6 август 1945 година, во 8:15 часот наутро, бомбардерот Б-29 „Енола Геј“ исфрли бомба наречена „Мало момче“ од височина на 9.600 метри која по 43 секунди експлодираше на 600 метри над земјата. Се проценува дека температурата во центарот на експлозијата достигнала помеѓу 3.000 и 4.000 степени Целзиусови.
Бомбата, тешка околу четири тони, ги убила сите во радиус од 500 метри и уништила 90 проценти од градот. Околу 45 минути по експлозијата, почнал да паѓа „црн дожд“ од радиоактивни честички.
Три дена по бомбардирањето на Хирошима, САД ја фрлија атомската бомба „Дебелиот човек“ врз Нагасаки, при што загинаа околу 74.000 луѓе, по што Јапонија капитулираше на 15 август.
Војната официјално заврши две недели подоцна, на 2 септември 1945 година. Во времето на нападот, во Хирошима живееја 350.000 луѓе, од кои 40.000 беа воени лица.
Според некои проценки, повеќе од 220.000 луѓе загинаа во нападите врз Хирошима и Нагасаки.
Јапонија водеше политика на експанзионизам и милитаризација на почетокот на 20 век, особено во Првата светска војна.
Својата експанзионистичка политика ја продолжи со окупацијата на Манџурија во 1931 година, а откако ова беше дочекано со меѓународна осуда, Јапонија демонстративно се повлече од Лигата на народите (претходник на ОН) две години подоцна.
Јапонија потпиша пакт со нацистичка Германија во 1936 година, а со приклучувањето кон Тројниот пакт во 1940 година, стана една од силите на Оската.
Империјална Јапонија, по Манџурија, изврши инвазија на други делови од Кина во 1937 година, со што ја предизвика Втората кинеско-јапонска војна.
Јапонија ја нападна француска Индокина во 1940 година, а на 7 декември 1941 година ја бомбардираше американската поморска база во Перл Харбор и објави војна, со што САД влегоа во Втората светска војна.
По советската инвазија на Манџурија и американските нуклеарни напади врз Хирошима и Нагасаки во 1945 година, Јапонија прифати безусловно предавање на 15 август истата година.
Експанзионизмот и војната ја чинеа Јапонија и нејзините поседи милиони животи, а воедно уништија голем дел од нејзината индустрија и инфраструктура.






