„Ако постои прекин на огнот во Газа, ние ќе прекинеме без каква било дискусија“, кажа Касем за Асошиејтед прес во политичкото седиште на организацијата во Бејрут.
Учеството на Хезболах во војната на Израел и Хамас го опиша како „фронт на поддршка“ на тој сојузник и кажа дека „ако војната прекине таа воена поддршка повеќе нема да постои“.
Тој додаде дека ако Израел ги намали своите воени операции, без формален договор за прекин на огнот и целосно повлекување од Газа, тогаш тие влијанија врз конфликтот на либанско-израелската граница се помалку јасни.
„Ако она што ќе се случува во Газа е мешавина од прекин на огнот и непрекинување на огнот, војна и не војна, ние не можеме да одговориме (како ќе реагираме) сега, бидејќи не ги знаеме неговите облици, резултати и влијанија“, кажа Касем.
Хезболах е многу помоќен од Хамас и се верува дека има голем арсенал ракети и проектили кои можат да го погодат секое место во Израел.
Касем кажа дека не верува дека Израел има способност, ниту дека донел одлука сега да почне војна и во Либан.
Тој предупреди дека ако таа земја намерава да почне ограничена операција во Израел, не би требало да очекува дека борбите ќе останат ограничени.
„Ако Израел води војна тоа значи дека не го контролира нејзиниот обем, ниту кој влегува во неа“, кажа Касем, очигледно алудирајќи на сојузниците на Хезболах во таканаречената „оска на отпорот“ во регионот, кој го поддржува Иран.
Вооружени групи во Ирак, Сирија, Јемен и потенцијално во самиот Иран може да се вмешаат во случај на сеопшта војна која би можела во конфликтот да ги вовлече и САД, најблискиот сојузник на Израел.






