Хезболах во кратко соопштение објавено на социјалните мрежи му честиташе на Хамнеи за неговиот избор.
Проиранското движење се заколна „на лојалност“ и ја потврди „непоколебливата природа на својата преданост“ кон новиот водач, кој беше избран во неделата по смртта на неговиот татко, поранешниот врховен водач Али Хамнеи, убиен на 28 февруари — првиот ден од американско-израелските напади врз Иран.
Според Ројтерс и Ал џезира, изразот на верност од Хезболах претставува важен сигнал дека либанската група останува цврсто врзана за иранското раководство и покрај ескалацијата на војната во регионот.
Аналитичарите наведуваат дека ваквата поддршка е очекувана, бидејќи Хезболах е еден од најважните сојузници на Техеран на Блискиот Исток и дел од таканаречената „оска на отпорот“, мрежа вооружени групи поддржани од Иран.
И Би-би-си јавува дека изборот на Моџтаба Хамнеи се случува во момент на силна регионална напнатост, додека иранските сојузници — меѓу кои Хезболах, шиитските милиции во Ирак и групи во Јемен — внимателно го следат развојот на конфликтот меѓу Иран од една страна и САД и Израел од друга.
Хезболах долго време го смета врховниот водач на Иран за свој највисок религиозен и политички авторитет, а организацијата редовно ја истакнува својата идеолошка и стратегиска поврзаност со Техеран.






