четврток, 5 јуни 2025

Хашките обвинители: Потерницата по Нетанјаху треба да остане во сила

Обвинителите на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг ги повикаа судиите на тој суд да го отфрлат барањето на Израел за укинување на налозите за апсење на премиерот Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант додека судот проверува дали има јурисдикција над Појасот Газа и Западниот Брег.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во поднесокот објавен денеска на веб-страницата на МКС, обвинителите тврдат дека „нема основа за повлекување или укинување“ на налозите за апсење на Нетанјаху и Галант.

Во поднесокот се наведува дека е важно истрагата да продолжи во „ситуација каде што злосторствата продолжуваат да се случуваат, па дури и да ескалираат“.

Налозите за апсење беа издадени во ноември, кога судиите открија дека постои основано сомневање дека Нетанјаху и Галант го користеле „гладувањето како метод на војување“ со ограничување на хуманитарната помош и намерно таргетирање цивили во израелската офанзива против Хамас во Газа. Израелските власти остро ги отфрлаат наводите.

Израел во своето барање за повлекување на потерницата изјави дека судот „нема, ниту некогаш имал“ овластување да издава налози за апсење на Нетанјаху и Галант.

Израел не е член на судот и тврди дека МКС нема овластување да ги гони неговите граѓани. Институцијата, со седиште во Хаг, ја прифати Палестина како една од своите 126 земји-членки.

Главниот обвинител на МКС, Карим Кан, кој ги потпиша наредбите, е привремено суспендиран до завршувањето на истрагата за обвинувањата дека повеќе од една година се обидувал да ја принуди својата помошничка на сексуален однос.

Покрај налозите за апсење на израелските функционери, судот издаде и налог за апсење на Мохамед Деиф, водачот на оруженото крило на Хамас, за нападите на 7 октомври 2023 година, кои ја предизвикаа израелската офанзива во Газа. Таа потерница беше повлечена во февруари годинава, откако беше потврдена неговата смрт во израелски воздушен напад.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ