Администрацијата на актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, вчера донесе одлука со која му го одзема правото на Харвард да запишува меѓународни студенти, со што дополнително го заострува конфликтот со најстариот американски универзитет.
Харвард ја нарече одлуката „нелегална“ во кратко соопштение до медиумите. Според официјалните податоци на универзитетот, во последната академска година на Харвард биле запишани речиси 7.000 странски студенти, што претставува 27,2 проценти од вкупниот број студенти.
Администрацијата на Трамп минатиот месец замрзна повеќе од 2,2 милијарди долари федерално финансирање за Харвард, откако универзитетот одби да ја исполни листата барања на Белата куќа, вклучително и „борба против антисемитизмот“. Тие го обвинија Харвард за непочитување на законот, дозволување на пропалестински протести и ширење култура на привилегии, додека универзитетот го нарече потегот нелегален обид за политичко мешање во академската автономија.
Спорот ескалираше откако Белата куќа побара промени во управувањето, вработувањето и запишувањето, вклучително и елиминирање на програмите за различност, вработување државен ревизор и пријавување на студенти како „непријателски настроени кон американските вредности“.
Харвард ги отфрли условите и рече дека нема да се откаже од својата независност, по што започна правна битка против владата, обвинувајќи ја за напад врз слободата на говорот и академската слобода.