Според Ројтерс, хакерот пристапил до податоците од израелската апликација Телемесиџ, која ѝ била продадена на американската влада за архивирање пораки од апликации како Сигнал, и на тој начин добил податоци за значително поголем број службеници отколку што се сметаше досега.
Со помош на непрофитна организација што објавува хакирани информации од јавен интерес, Ројтерс открил дека податоците на повеќе од 60 службеници протекле од системот Телемесиџ. Меѓу нив се вработени во Стејт департментот, Белата куќа, службите за итни случаи и Тајната служба.
Иако пораките биле фрагментирани во многу случаи, новинарите можеле да ги видат телефонските броеви на владините службеници.
Надворешните корисници чии броеви беа исто така компромитирани, вклучувајќи лице што бара помош по природна катастрофа и вработен во финансиска институција, потврдија дека навистина размениле пораки со претставници на администрацијата на Трамп.
Сè тргнало наопаку за Валц откако случајно го додал главниот уредник на списанието „Атлантик“, Џефри Голдберг, во групата на Сигнал каде што официјалните лица дискутирале за воени планови, односно за напади врз јеменските Хути.
Кратко потоа, Валц бил фотографиран на владин состанок користејќи Телемесиџ, само неколку дена пред да се открие дека апликацијата и нејзиниот сервер биле хакнати. Следувало негово итно отстранување од Белата куќа, но инцидентот продолжува да се шири.
Според информациите објавени од Ваерд, хакерот успеал да пробие во серверот на Телемесиџ за помалку од 20 минути. Проблемот бил што апликацијата неправилно го имплементирала „хаширањето“, што исклучително го олеснило погодувањето на лозинките на корисниците.
Откако добил пристап, хакерот пронашол датотека наречена „heapdump“, која ги содржела информациите за најавување, а бидејќи пораките биле архивирани без енкрипција, тој можел да види и делови од самата комуникација.
Апликацијата оттогаш ја купи компанијата Смарш од американската држава Орегон.
Белата куќа издаде кратко соопштение во кое потврди дека е „свесна за инцидентот со сајбер-безбедноста“, но не даде дополнителни информации.
Споредувајќи го случајот со добро познатиот скандал околу приватниот е-мејл сервер на Хилари Клинтон, Ваерд наведува дека нивото на компромитирање во овој случај е такво што серверот на Клинтон „изгледа како Форт Нокс“ во споредба со безбедносните практики на Трамп.