Руската државна авиокомпанија Аерофлот соопшти дека 60 летови од аеродромот Шереметјево се откажани поради дефект на ИТ системот. Експертите работат на рестартирање на серверите за да може да продолжи воздушниот сообраќај, додаде Аерофлот. Кремљ ги нарече извештаите за прекини во воздушниот сообраќај „вознемирувачки“.
„Хакерските закани претставуваат опасност за сите големи авиокомпании“, изјави портпаролот Дмитриј Песков. Проукраинските хакери од групите „Силент роу“ и „Сајбер партизани“ ја презедоа одговорноста за нападот. Тие потврдија дека подготовките за нападот на Аерофлот траеле една година.
Руското државно обвинителство започна истрага за нелегален упад во компјутерски системи. Украинските медиуми ги пренесоа изјавите на хакерите за нивниот „стратешки удар“ врз Аерофлот, велејќи дека тие ја презеле контролата врз целата ИТ инфраструктура и уништиле 7.000 сервери.
Тие исто така тврдат дека собрале 12 терабајти податоци и испратиле порака до ФСБ и другите агенции во Москва одговорни за сајбер безбедноста дека не се во можност да ја заштитат критичната ИТ инфраструктура.
Сајбер нападот го наруши домашниот и меѓународниот воздушен сообраќај во Шереметјево.






