среда, 28 јануари 2026

Гувернерот на Бундесбанк: Германските златни резерви се безбедни во Њујорк

Германските златни резерви се безбедни во њујоршкиот огранок на американската централна банка Федерални резерви (Фед) и нема причина да се вратат во домашните трезори, истакна шефот на германската централна банка Јоаким Нагел. „Не се сомневам дека нашето злато е безбедно складирано во филијалата на Фед во Њујорк“, изјави денес Нагел за германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката на одборот за одбрана на Европскиот парламент, Мари-Агнес Штрак-Цимерман, неодамна ја повика германската влада да си го врати златото. „Во време на зголемена неизвесност во светот и непредвидливата политика на претседателот Доналд Трамп, повеќе не е прифатливо околу 37 проценти од германските златни резерви, повеќе од 1.230 тони, да се чуваат во трезорите на Фед во Њујорк“, изјави Штрак-Цимерман за Шпигел.

И поранешниот функционер на Бундесбанк Емануел Менх во интервју за Ханделсблат изјави дека златото треба да се врати дома, нагласувајќи го аргументот за моменталната геополитичка ситуација. Аргументот дека меѓународните закони ги штитат резервите од посегнување станува сè послаб, смета Менх.

На крајот на 2024 година Германија поседувала околу 3.352 тони злато, со вкупна вредност од 270,6 милијарди евра, што е за 34,4 проценти повеќе отколку во 2023 година, според годишниот извештај за работењето од февруари минатата година. Поголеми резерви на злато во 2024 година регистрирале само САД.

Според Бундесбанк, на крајот на 2024 година, нешто повеќе од 1.700 тони злато биле складирани во трезорите во Франкфурт, а 1.236 тони во трезорите на Федералните резерви во Њујорк. Остатокот е сместен во трезорите на Банката на Англија во Лондон. Бундесбанк редовно ги проверува складираните резерви на злато, нагласи Нагел, потсетувајќи дека пред 10 години 300 тони биле вратени од Њујорк во Франкфурт.

Германската централна банка ја заврши 2024 година со загуба, и тоа за прв пат од 1979 година, од 19,2 милијарди евра, со исцрпени резерви за покривање на загубите предизвикани од јазот во приходите и расходите од камати.

Тие забележаа загуба и во 2023 година, од речиси 21,6 милијарди евра, но ја покрија со резервации и речиси целосно исцрпени резерви. На почетокот на 2024 година, Бундесбанк имала само 700 милиони евра резерви за покривање на загубите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ