Цената на нафтата падна за 14 отсто во текот на изминатата недела, предизвикувајќи вознемиреност во Москва, пренесува Ројтерс.
„Остриот пад на глобалните цени на нафтата, предизвикан од царините на американскиот претседател Доналд Трамп, претставува ризик за руската економија“, изјави гувернерката на руската централна банка Елвира Набиулина, пренесува руската државна новинска агенција Тасс.
Таа рече дека централната банка ги анализира последиците, но дека техничкото буџетско правило ќе ги поништи последиците за буџетот.
„Апсолутно сте во право дека главниот канал на влијание може да биде преку промените на цената на нафтата, особено намалувањето на цената на нафтата“, им кажала Набиулина на членовите на рускиот долен дом на парламентот и додала дека тоа води до пад на глобалната трговија, глобалната економија, а „можеби дури и на побарувачката за нашите енергетски ресурси“, рекла таа.
Централната банка рече минатата недела дека зголемувањата на царините на САД може да го забават светскиот економски раст и да ја поттикнат инфлацијата, додека цените на нафтата би можеле да бидат пониски од прогнозираните за неколку години како резултат на намалената глобална побарувачка.