Европските крајнодесничарски и популистички партии, кои некогаш навиваа за Доналд Трамп и ја зајакнуваа својата позиција благодарение на неговите пофалби, сега се дистанцираат од американскиот претседател поради неговиот воен упад во Венецуела и обидите да го присвои Гренланд.
Администрацијата на Трамп во повеќе наврати им даваше поддршка на европските крајнодесничарски партии, кои делат слични ставови по прашањата од имиграцијата до климатските промени, помагајќи да се легитимираат движења што долго време беа стигматизирани дома, но сега се во подем.
Во новата Национална безбедносна стратегија на САД, објавена минатиот месец, се наведува дека „растечкото влијание на патриотските европски партии навистина дава причина за голем оптимизам“.
Сепак, тие партии сега се соочуваат со дилема, бидејќи низ целиот континент расте неодобрувањето кон Трамп поради неговата сè поагресивна надворешна политика, а особено поради неговите настојувања од Данска да го преземе Гренланд.
„Доналд Трамп прекрши едно темелно предизборно ветување – дека нема да се меша во други земји“, рече Алис Вајдел од крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД), додека копретседателот на партијата Тино Крупала ги отфрли „методите на Дивиот Запад“.
АфД негуваше врски со администрацијата на Трамп – но анкетите сугерираат дека тоа можеби веќе не е корисно. Истражување на агенцијата Форса, објавено во вторникот, покажа дека 71 отсто од Германците го гледаат Трамп повеќе како противник отколку како сојузник.
Скепсата кон Трамп порасна откако во саботата вети дека ќе воведе царини за низа земји на ЕУ, вклучително Германија, Франција, Шведска и Британија, сè додека на САД не им се дозволи да го купат Гренланд.
Тие земји минатата недела, по барање на Данска, испратија воен персонал на тој огромен арктички остров.
Лидерот на Национален собир, Жордан Бардела, изјави во вторникот дека Европа мора да реагира, спомнувајќи „антипринудни мерки“, таканаречената трговска „базука“ и суспензија на економскиот договор што ЕУ и САД го потпишаа минатата година. Европскиот парламент одлучи да ја суспендира работата на трговскиот договор меѓу Европската Унија и САД, во знак на протест поради барањата на Трамп да го преземе Гренланд и заканите со царини кон европските сојузници.
Британската популистичка партија Реформа за ВБ, чиј лидер Најџел Фараж долго ги истакнуваше своите блиски врски со Трамп, соопшти дека е тешко да се процени дали претседателот блефира.
„Но користењето економски закани против земја што повеќе од сто години се сметаше за ваш најблизок сојузник не е нешто што би го очекувале“, наведе партијата Реформа во соопштение објавено на 19 јануари.
Уште подиректен беше Матијас Карлсон, често наведуван како главен идеолог на крајнодесничарските Шведски демократи.
„Трамп сè повеќе личи на обратен крал Мида“, напиша тој на мрежата Икс. „Сè што ќе допре го претвора во ср*ње.“
Политикологот Јоханес Хиље изјави дека за националистите секогаш ќе биде тешко да обликуваат заедничка надворешна политика, „бидејќи националните интереси не секогаш се поклопуваат“.
Не беа сите европски крајнодесничарски и популистички партии толку критични. Некои, како крајнодесничарската холандска Партија за слобода и шпанскиот Вокс, го пофалија Трамп за соборувањето на венецуеланскиот претседател Николас Мадуро, но останаа неми за неговите закани во врска со Гренланд.
Други, како полскиот претседател Карол Навроцки и националистичката влада на унгарскиот премиер Виктор Орбан, повикаа прашањето за Гренланд да се реши билатерално меѓу САД и Данска.
Чешкиот премиер Андреј Бабиш во вторникот на социјалните мрежи објави видео во кое мавта со мапа и глобус за да покаже колкав е Гренланд и колку е блиску до Русија, доколку таа испрати проектил. „САД имаат долгорочен интерес за Гренланд, тоа не е само иницијатива на Доналд Трамп сега“, рече тој, повикувајќи на дипломатско решение.
Италијанската десничарска премиерка Џорџа Мелони, која се смета за една од европските лидери најблиски до Трамп, изјави дека неговата одлука да воведе царини за европските сојузници е „грешка“.
„Разговарав со Доналд Трамп пред неколку часа и му кажав што мислам“, изјави таа во неделата, додавајќи дека смета оти постои „проблем на разбирање и комуникација“ меѓу Вашингтон и Европа. Оттогаш не се огласи, но италијанските медиуми наведуваат дека е против воведување царини кон САД како одговор и дека наместо тоа се обидува преку разговори да ја смири кризата.
Сепак, италијанскиот вицепремиер Матео Салвини, лидер на крајнодесничарската партија Лига, за обновените трговски тензии ги обвини европските земји што испратија војници на Гренланд.
„Брзањето да се најавува испраќање војници овде и таму сега ги дава своите горчливи плодови“, напиша Салвини на мрежата Икс.
Трамп вчера ја исклучи употребата на сила во настојувањето да преземе контрола врз Гренланд, но во говорот во Давос рече дека ниту една друга земја не може да ја обезбеди таа данска територија.
„Луѓето мислеа дека ќе употребам сила, но не морам да користам сила“, рече Трамп на годишниот состанок на Светскиот економски форум во Швајцарија. „Не сакам да користам сила. Нема да користам сила.“
Трамп ги критикуваше европските сојузници на САД поради, како што рече, нивната дрскост, нелојалност и погрешни политички потези – во области од ветерната енергија и животната средина до имиграцијата и геополитиката.
Сè поизразените закани на Трамп кон Европа поради Гренланд ги нарушија трансатлантските врски и ги загрижија Европејците, ставајќи го во втор план говорот што првенствено требаше да биде посветен на американската економија.
Нарекувајќи ја Данска „неблагодарна“, републиканскиот претседател на САД го минимизираше значењето на прашањето, опишувајќи го како „мало барање“ во врска со „парче мраз“, и рече дека евентуалното преземање не би претставувало закана за НАТО-сојузот, чии членки се и Данска и САД.
„Ниту една нација или група нации не е во позиција да го обезбеди Гренланд освен САД“, рече Трамп, додавајќи: „Барам итни преговори повторно да разговараме за тоа САД да го преземат Гренланд.“
Во неколку наврати за време на говорот, кој траеше повеќе од еден час, Трамп по грешка Гренланд го нарече Исланд.






