Првичниот план предвидуваше затворање на 46 пошти, главно во Атина и Солун. Во меѓувреме, ЕЛТА објави дека ќе затвори повеќе од 200 пошти од 3 ноември. Извршниот директор на ЕЛТА Григорис Скликас пред четири дена на телевизија го најави затворањето на голем број експозитури, според грчките медиуми.
Владата ѝ обезбеди на ЕЛТА „значајна финансиска поддршка“ од 250 милиони евра во текот на изминатите години за поддршка на процесот на реструктуирање, но процесот сè уште не е завршен, изјави минатиот петок министерот за економија и финансии Киријакос Пјеракакис во парламентот.
Обемот на пратки со писма е намален на една десетина од она што беше пред десет години, истакна министерот, нагласувајќи ја тешката позиција на државната компанија. Според договорот на надлежните министерства и администрацијата ЕЛТА треба да се консолидира, изјави вицепремиерот Костис Хацидакис во интервју за телевизијата ОПЕН.
Доколку не се интервенира, компанијата повеќе нема да може да им исплати плати на работниците за неколку месеци, додаде Хацидакис, обвинувајќи ја администрацијата за недостигот на комуникација со јавноста. Многу Грци денес беа пречекани на вратата од поштите од збунети службеници и рачно напишано известување „Оваа пошта останува затворена“.
Поштенските работници со договори на одредено време сега ќе останат без работа, а оние кои се вработени на неопределено време беа информирани само по телефон доцна синоќа дека се преместени во друга канцеларија, изјави претседателот на Здружението на поштенски работници во Атина Јанис Оиконому.
Претставниците на синдикатот стравуваат дека планот за намалување на бројот на канцеларии може да биде поврзан со обидите поштата да се направи попривлечна за потенцијалните инвеститори.
Извршниот директор на ЕЛТА тврди дека работниците нема да бидат отпуштени, додека менаџментот ги уверува клиентите дека услугите не се доведени во прашање.
Приватните курирски служби како што е АЦС во меѓувреме презедоа поголем дел од онлајн нарачките, напоменува германската новинска агенција ДПА.






