Сега Ефстатиу би можела да ја добие помошта што очајно ја бара. Во наредните денови се очекува грчката влада да објави забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 15 години, приклучувајќи се кон растечкиот број земји кои се обидуваат да ги заштитат најмладите од зависноста и злоупотребата на интернетот.
„Забранете ги, затворете ги. Стигнавме до крајните граници… Нам, на родителите, ни треба помош“, изјави 43-годишната Ефстатиу за Ројтерс, држејќи го телефонот на својот син во дневната соба во Атина.
Ројтерс пишува дека Ефстатиу не е сама и дека анкетата на јавното мислење објавена во февруари од АЛКО покажала дека околу 80 проценти од испитаниците ја поддржуваат забраната. Владата на премиерот Киријакос Мицотакис веќе ги забрани мобилните телефони во училиштата и воспостави платформи за родителска контрола за да го ограничи времето кое тинејџерите го поминуваат пред екраните.
Владата одби да коментира за забраната, како и кога и како би можела да се спроведе. Ројтерс пишува дека владата се надева дека мерката ќе помогне да се зголеми нејзината популарност во годината пред изборите.
Агенцијата објави за овој план уште во февруари, а изворите наведуваат дека се чека официјално соопштение. Мицотакис минатиот месец изјави за грчко-австралиски весник дека Грција ќе се движи „во слична насока како Австралија“, каде што на социјалните мрежи им беше наредено во декември да спречат пристап до корисници под 16 години или да се соочат со казни.
Како и многу земји низ целиот свет, Грција се соочува и со последиците од влијанието на социјалните мрежи како што се Инстаграм, Тикток и платформите за онлајн игри на Мета.
Во грчкиот Центар за побезбеден интернет, финансиран од Европската унија, во Атина, бројот на повици на телефонска линија за помош за деца жртви на сајбер малтретирање се зголемил повеќе од двојно помеѓу 2024 и 2025 година, вели Џорџ Кормас, кој ја води услугата. Други извештаи вклучуваат уценување на малолетници, дезинформации и говор на омраза.
Според податоците од таа телефонска линија за помош, дури 75 проценти од децата што користат социјални мрежи во Грција се на возраст за основно училиште.
„Тоа сигурно нè загрижува бидејќи тие не можат да се справат со социјалните медиуми или да се заштитат себеси“, кажа тој.
Директорот на Националната организација за превенција и третман на зависност Атанасиос Теохарис кажа дека околу 48 проценти од тинејџерите го почувствувале негативното влијание на социјалните мрежи.
„Јасно е дека (забраната) има потенцијал да обезбеди значителен степен на заштита“, кажа тој.
Во меѓувреме, родителите кои зборувале за Ројтерс стравуваат дека ја изгубиле контролата врз тоа што нивните деца прават онлајн или изразуваат страв дека децата ќе најдат начини да ја заобиколат забраната. Некои, од друга страна, воопшто не сакаат државата да се меша.
„Би претпочитал поинаков пристап, да се ограничи употребата на мобилни телефони во семејството“, рвели Димитрис Данил (44). „Но, таму каде што тоа не е можно, можеби забраната би можела да послужи како последно средство.“
Неговата четиринаесетгодишна ќерка Катерина вели дека повеќето тинејџери на нејзина возраст никогаш не го познавале светот без социјални мрежи.
„Тоа е начинот на кој учиме да живееме од раѓање“, вели таа за Ројтерс. „Можам да го контролирам, но повторно имам тенденција да се занесам“.






