понеделник, 15 декември 2025

Грција погодена од топлотен бран, Акропол делумно затворен

Грција е погодена од топлотен бран, што ги натера властите да го затворат Акропол во Атина во најжешкиот дел од денот денес. Максимални температури од 42 Целзиусови степени се очекуваат во некои региони на северот и центарот на земјата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Забрането е работење на отворено од 12:00 до 17:00 часот во многу делови од земјата, што редовно се прави во такви услови.

Туристите не можат да го посетат Партенон и другите знаменитости на врвот на Акропол од 13 до 17 часот, објави грчкото министерството за култура.

Метеоролозите предупредија дека температурата во текот на денот може да достигне од 41 до 42 Целзиусови степени на истокот од земјата, а на запад се очекува да биде помеѓу 38 и 39 степени. Во Атина се очекува до 38 степени.

Се очекува жештината да се смири во четврток, кога температурата во Атина треба да падне на 30 степени.

Суспензијата на работата на отворено се однесува на градилишта и јавни работи и бродоградилишта во неколку региони, вклучувајќи го Солун и туристички дестинации како што се Јонските острови и Родос, според министерството за труд. Таа се однесува и на доставувачите на храна. Мерката е на сила од вчера, а нејзиното прекршување е казниво со 2.000 евра.

Од почетокот на летото, Грција е релативно поштедена од топлотните бранови што се повторуваат во последните години, но веќе доживеа неколку шумски пожари, особено на Крит, каде што илјадници луѓе, вклучително и туристи, се евакуирани.

Грчката агенција за цивилна заштита предупреди дека ризикот од пожар во делови од регионот околу Атина, Атика и центарот на земјата и јужен Пелопонез е многу висок поради топлината и силните ветрови.

Во соседна Србија, Националната метеоролошка служба (РХМЗ) исто така предупреди дека временските услови се исклучително поволни за пожари на отворено. Во меѓувреме, РХМЗ издаде предупредување за врнежи од дожд и грмотевици во делови од земјата.

По Словачка вчера, Унгарија денес доживеа грмотевици втор ден по ред, придружени со силни ветрови, врнежи од дожд и, повремено, град, што сериозно го наруши железничкиот сообраќај.

Во Хрватска, Сплит и неговата околина беа погодени од бура утрово.

Жителите на јужна и западна Европа доживеаја ран топлотен бран кон крајот на јуни, како и Франција, Белгија и Холандија. Топлотен бран ги погоди и Италија, Шпанија и Португалија, каде што беше поставен нов јунски температурен рекорд од 46,6 степени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ