Наводно постои желба разговорите да продолжат – и тоа на највисоко ниво: почнувајќи од понеделник, 9 февруари 2025 година, во Анкара треба да заседава „Врховниот совет за соработка Грција–Турција“. Ако сè се одвива според планот, на маса ќе седнат и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Можна е и посебна средба на двајцата лидери некој друг ден.
Врховниот совет за соработка беше основан во 2010 година, по тешки и со конфликти исполнети периоди во источен Медитеран. Советот досега не постигнал поголеми успеси, но и покрај тоа тежнее кон создавање позитивна атмосфера меѓу партнерите во НАТО, особено во областите на економијата и туризмот. Сепак, досега Советот се состанал само пет пати, последен пат во Атина во декември 2023 година.
„Турција поставува еднострани барања и има територијални претензии што немаат правна основа и за кои не може сериозно да се разговара“, објасни тогаш во интервју за Дојче веле Константинос Филис, директор за истражувања во Атинскиот институт за меѓународни односи. „Грција очекува Турција секогаш да ги исполнува нејзините барања и да прави отстапки“, возврати Фуат Аксу, политиколог на Техничкиот универзитет Јилдиз во Истанбул.
Оттогаш во Егејско Море малку нешта се променија. Сега се појави и нова точка на раздор: минатиот четврток Турција го употреби системот Навтекс, кој вообичаено се применува во поморството, за да предупреди на безбедносни ризици и грчки воени активности. Слични предупредувања биле издавани и претходно.
Суштинскиот проблем е прашањето на надлежностите во источен Медитеран – кој има право да се прогласи за одговорен за безбедносните прашања? Атина зборува за незаконски обид на соседот да ги прошири своите територијални води. Угледниот грчки неделник То вима оценува дека станува збор за „нова турска провокација“.
Од турска перспектива, станува збор за рутинска постапка во согласност со важечкото законодавство. Меѓутоа, според пишувањето на провладиниот весник Туркије, „Навтекс предизвикал паника во Грција и го променил статус-квото во Егејот“.
За грчкиот премиер Мицотакис, спорот околу Навтекс значи дополнителен притисок оддесно. „Турција присвојува половина од Егејот, а нашата влада не гледа причина за загриженост“, се жали Киријакос Велопулос, лидер на десничарската популистичка партија Грчко решение, која, според анкетите, е на третото место по поддршка од гласачите.
Грција и Турција со децении се во спор околу континенталниот појас долж турскиот брег, користењето на природните ресурси и можноста за проширување на територијалните води во Егејско Море. Според својата актуелна воена доктрина „Сина татковина“, Турција полага право и на поморски подрачја поголеми од 450.000 квадратни километри долж својот брег.
Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето од 1982 година служи како правен компас во вакви случаи – иако Турција не ја потпишала. Сепак, таа би можела да се применува, бидејќи според преовладувачкото мислење на правниците, договорот го одразува обичајното меѓународно право и затоа е обврзувачки и за државите што не го потпишале.
Нема договор на повидок
Според Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето, секоја држава во принцип може да утврди територијални води до максимум 12 наутички милји. Меѓутоа, постои важен исклучок: во случаи на нејасни граници или преклопувања, страните треба да постигнат билатерален договор. Таков договор меѓу Грција и Турција засега не се наѕира.
Турскиот парламент уште во 1995 година прогласи дека проширувањето на грчките територијални води во Егејско Море би претставувало „причина за војна“, бидејќи во тој случај Егејско Море практично би станало грчко внатрешно море.
Владата во Атина во 2021 година ги прошири своите територијални води на 12 наутички милји во Јонско Море кон Италија. Денес Грција изречно го задржува правото истото да го стори и во Егејско Море – што неодамна го потврди министерот за одбрана Никос Дендијас за атинската телевизија Опен.
Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг се смета за крајна жалбена инстанца за прашања од меѓународното право. Меѓутоа, тоа тело на Обединетите нации не може да постапува по сопствена иницијатива. И Грција и Турција би морале да поднесат заедничко барање и да го овластат МСП за посредување. За тоа се расправа уште од 1976 година – досега без успех.






